Шарена револуција: Денеска протест, утре блокади на мостови во Скопје

Денеска во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, ќе започне уште еден протест на Шарената револуција. Според организаторите, меѓу причините за овој протест е и фактот што Уставниот суд се уште не постапува по барањето за заштита на правдата и изјаснување за уставноста на СЈО. Демонстрантите, во нивното соопштение објавено на официјалната Фејсбук страница на протестите, прашуваат: „планира ли овој суд, оформен во име на граѓаните и платен со пари на граѓаните да се произнесе за Специјалното јавно обвинителство? Или планира да го укине?“.

13247895_973656642752805_1529756315516163734_o

Во соопштението на Шарената револуција се вели дека прогонот врз демонстрантите се уште трае и наместо да се повлечат пријавите, има информации за нови прекршочни и кривични пријави. Инаку, на 6 јуни демонстрантите објавија ултимативни барања чиј рок на исполнување од страна на власта истекува на 18 јуни, до кога остануваат уште 3 дена.

Активистите ги повикуваат граѓан(к)ите да излезат денеска на протест пред СЈО, а за утре најавија дека во 12 часот напладне во Скопје, ќе ги блокираат мостовите:„Гоце Делчев“, „Слобода“ и „Мајка Тереза“ (кај МАНУ).

„Нема да дозволиме криминалците да останат неказнети, а демонстрантите да бидат под прогон! Многу сме, моќни сме, секој/а од нас споделува силна идеја за праведна држава и слободно општество и тоа ќе покажеме преку нашите следни дејствија!“, се вели во повикот на Шарената револуција.

Д.М.

Оваа вест е достапна и на: Albanian