Граѓаните почнаа да ги преземаат работите во свои раце

Според годишните истражувања за граѓанско учество на Реактор – истражување во акција, во 2012 година само еден од пет граѓани (22%) учествувале во граѓанска иницијатива. Од нив, 8% протестирале. Во 2015 година, веќе еден од три граѓани (32%) учествувале во граѓанска иницијатива, а од нив, 21% протестирале.

Пишува: Марјан Забрчанец

Имајќи го предвид интензитетот и опфатот на #‎ШаренаРеволуција, многу е веројатно дека бројот на граѓаните кои се вклучиле во иницијативи и кои притоа протестирале уште повеќе ќе порасне во 2016 година.

Граѓанското учество е во подем. Се зголемува бројот на граѓани кои проценуваат дека системот кој е узурпиран од режимот и партијата на власт не може да им ги реши проблемите и затоа се одлучуваат да иницираат или да се вклучат во граѓански иницијативи.

Дополнителна мотивација за учество се и десетиците помали и поголеми ‪#‎ГраѓанскиПобеди за кои сведочевме изминативе неколку години, како основањето на Специјалното јавно обвинителство, повлекувањето на аболицијата, спречувањето да се одржат уште едни наместени избори, спречувањето на продажбата на офицерскиот дом во Битола, укинувањето на давачките за хонорарците, спречувањето на државниот испит во високото образование, зачувувањето автентичноста на ГТЦ, стопирањето на изградбата на Луково поле, реконструкцијата на студентскиот дом Гоце Делчев, стопирањето на недемократскиот закон за млади и други.

Ваквите иницијативи треба да придонесат и кон зголемување на бројот на граѓани кои имаат чувство на лична одговорност за подобрување на својата заедница, но и кон зголемување на бројот на граѓани кои сметаат дека можат да влијаат врз оние кои ги носат одлуките.

Овие параметри водат до заклучок дека е неопходно да се храни и поттикнува граѓанското учество ако сакаме да изградиме општество во кое граѓаните чувствуваат повисоко ниво на добростојба и поголемо задоволство од местото во кое живеат. Граѓанскиот сектор и политичките партии мораат веднаш да се заложат за зголемување на волонтерските ангажмани на граѓаните во своитезаедници, за симнување на законските прагови за граѓански иницијативи, референдуми и иницирања на закони, но и за учество на граѓанскиот сектор на политичките преговарачки маси (како набљудувачи, известувачи за јавноста и консултанти).

Налетот на “освестените” треба да се искористи и да се стави во општествнa функција, во спротивно многу брзо ќе ни се случи нов налет патувања во еден правец на “разочараните”.