„Денеска сите патишта водат кон Скопје!“. Вака прилепчани, кумановци и граѓани на други градови од Македонија, го опишуваа попладнево, овој, 20-ти ден од јуни, во очекување на масовниот протест пред СЈО, откако власта не ги исполни барањата на „Протестирам“ и поддржувачите на Шарената револуција.
Најпрвин, кон престолнината се упатија поддржувачите на власта и вработените во државната администрација на локално ниво.
„Десетина автобуси со вработени во државната администрација денеска претпладне тргнаа од Прилеп кон Скопје. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, ГДОМ и вработени во детските градинки и училишта, на кои им беше наложено, заминаа со организиран превоз во Скопје. Но, автобусите беа полупразни, а многумина веќе заминаа во шопинг“, изјави прилепанец, којшто инсистираше на својата анонимност.
Масовно, со автобуси и приватни возила, попладнево за Скопје отпатуваа и неколку илјади граѓани кои сакаат да и изразат поддршка на Шарената револуција.
„Ги поддржувам барањата на Шарената револуција. Вработена сум во јавна администрација и досега стравував да се приклучам на протестите во Прилеп, зашто стравувам од санкции, а може и да го загубам работното место. Но, никој не може да ме сопре да присуствувам на протестот во Скопје“, и изјавила на новинарката на ЦИВИЛ Медиа една млада прилепчанка.
Социјалната мрежа „Фејсбук“ беше пoплавена со фотографии од граѓани кои се упатуваа на протестот на Шарената револуција во Скопје. Велат нема сила што може да ги запре во заложбите да ги исполнат нивните барања, што ќе значат излез од политичката криза во која е заробена Македонија, а од друга страна, бараат враќање на демократијата и граѓанските права и слободи.
И од Куманово беше најавено дека попладнето кон Скопје организирано ќe тргнат 45 автобуси или над 2.200 граѓани, кои ќе бидат дел од Шарената револуција на граѓаните на Република Македонија. Денешниот ден во Куманово, од шарените револуцонери беше максимално искористен за организирање и обезбедување услови за превоз на големиот број на заинтересирани кумановци кои сакаа да бидат дел од Шарената револуција во Скопје.
ЦМ