Активистите - Албанци продолжуваат да ја поддржуваат Шарената револуција!

По најмасовните протести на Шарената револуција минатиот понеделник, активистите - Албанци кои се видливи во јавноста, а некои од нив, и на улица за време на протестите на Шарената револуција, продолжуваат да ги поддржуваат демонстрантите и нивните барања. Според дел од активистите со кои разговараше ЦИВИЛ Медиа, политичките организирања на Албанците во Македонија треба да бидат поактивни во вклучувањето во „шарените“ протести, но и цивилното општество и организаторите на протестите треба да бидат поангажирани за оваа инклузивност и за градење на мостови со албанскиот дел на општеството.

Arianit Xhaferi_Behar

Арианит Џафери

Арианит Џафери, претседател на невладината организација „Еко Герила“ и активист во протестите против загадувањето на воздухот во Тетово, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека тој и членовите на неговата организација ги поддржуваат протестите  на Шарената револуција.

„Во принцип, ‘Еко Герила’ поддржува секоја реакција на граѓаните за правата што им се гарантирани со закон. Поддржуваме цивилни каузи, кои им служат на сите граѓани, независно од јазикот што го говорат по домовите или убедувањата, значи, поддржуваме каузи кои им припаѓаат на сите граѓани, независно дали тие се изразени преку една Шарена револуција, или во друга форма. Членовите на нашата организација учествувале на многу протести, вклучувајќи ја и Шарената револуција, и ќе бидеме на сите протести кои имаат за цел подигање на гласот против газење на правата на граѓанинот“, вели Џафери.

Ramadan Ramadani_Behar

Рамадан Рамадани

Рамадан Рамадани, професор на Државниот универзитет – Тетово (ДУТ) и поддржувач и член на повеќе граѓански иницијативи, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека ја поддржува Шарената револуција, затоа што е најинклузивниот  општествен ангажман во целиот политички хаос, но посочи и на недостатоците што се појавија за време на последните протести.

„Мислам дека на последните протести им недостасуваше јасна артикулација и реализација, наспроти дадениот ултиматум и масовноста на граѓаните. Да, ги поддржувам, затоа што се најинклузивниот ангажман во целиот политички хаос што се случува во моментов во земјава, кога се загрозени сите параметри на функционалноста на една држава. Мислам дека албанските политички организирања во земјава треба да бидат поактивни во директното вклучување на протестите на Шарената револуција, но сé уште има работа во растењето и инклузивноста на цивилното општество кон албанските политички субјекти и градењето мостови на комуникација со нив. Да не се заобиколи уште еден факт, дека Шарената револуција е една од ретките организации, во која учествуваат толку многу албански опозициски субјекти, во исто време, под иста закрила. Така што, на еден начин, оваа револуција е и организација која до некаде го артикулира од албанските граѓани во земјава - толку посакуваното обединување на опозицијата“, истакна Рамадани.

Parim Marku_Behar

Парим Марку

И Парим Марку, аналитичар и активист, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека протестите на Шарената револуција се демократска форма на изразување на социјалното незадоволство и дека ги поддржува.

„Протестите, всушност, се израз на незадоволство и револт, и како такви неретко ја преминуваат границата на пристојното човечко однесување. Ескалациите се дел од секое народно масовно движење, и поаѓајќи од оваа гледна точка,  се нормални. Меѓутоа, оваа нормалност, не амнестира од одговорност. Одговорноста за ескалацијата на протестите е поделена и паѓа колку врз организаторите на протестите, толку и врз државните органи, кои треба да го чуваат јавниот ред и професионалноста. Протестите се најдемократското изразување на социјалното, економско и политичко  незадоволство, и како такви, ги поддржувам. Меѓутоа, барањата, што се претворија во еден политички манифест на Шарената револуција, се недоволни, затоа што ја заобиколуваат вистинската револуција која треба да биде катализатор на една демократска и прогресивна Македонија, револуција на меѓуетничките албанско-македонски односи“, оцени Марку.

Во врска со учеството на албанскиот политички фактор, тој вели дека би го нарекол лицемерно, и учеството и неучеството, посебно недефинирањето на причините кои сакаат да ги реализираат како политички партии, кои имаат за цел претставување на интересите на Албанците во земјава.

„Нивните  барања се задоцнети, затоа што токму Албанците треба да бидат двигатели на социјалните и политичките движења во земјава, а не статисти, колку за бројка. Учеството не е доволно. Албанскиот политички фактор треба да се стреми кон рефакторизирање на албанските интереси како задолжителни, неприкосновени, нешто кое што не го прави. Ова е резултат на отсуството на вистинска политичка понуда, која би ги канализирала промените во еден нов политички албанско-македонски договор. Едно вакво однесување не поттикнува оптимизам и надеж во народот“, додава Марку.

Bekim Bina_Behar

Беким Бина

Беким Бина, редовен активист на протестите на Шарената револуција, рече дека овие протести се израз на незадоволството на граѓаните од власта и дека продолжува да ги поддржува.

„Јас ги поддржувам протестите на Шарената револуција, и колку што можам повеќе сум активен. Причината  за мојата поддршка е дека се израз на критичката мисла и незадоволство од политиката на владеењето во последните десет години. Практицирањето на протестите и  охрабрувањето на граѓаните во отвореното искажување на своето мислење  е најголемото достигнување во историјата на модерна Македонија. Во овој случај и ‘Беса’ и ‘Унитети’ и ПДП имаат свои ставови кои придонесуваат  во поддршката на градењето на едно демократско општество и ова би требало да нé радува. Неутралноста на Движењето за реформи на Демократската партија на Албанците (ДР–ДПА) не им помага на неутралните гласачи, евентуално за поддршка на ДР-ДПА“,изјави Бина за ЦИВИЛ Медиа.

Инаку, освен опозициските партии, Движењето Беса, Унитети и ДР-ДПА, кои ги поддржаа протестите на Шарената револуција, претседателот на Националната демократска препродба (НДП) Весел Мемеди, на почетокот на неделава за ЦИВИЛ Медиа изјави дека не ги поддржува протестите на Шарената револуција, а од ДПА на Мендух Тачи, не добивме изјава за ова прашање.

Бехар Мемиши

Оваа вест е достапна и на: Albanian