Хоџа: „Скопје 2014“ го убива градот!

„Ѕидовите не ја прават архитектурата, токму празниот простор, јавниот простор, растојанието помеѓу објектите се тие што оставаат можност граѓаните да го доживеат градот и да се чувствуваат добро во контекстот во кој тие поминуваат, стојат или комуницираат меѓусебно“, изјави Елиза Хоџа, урбанистички планер и архитект од Косово, зборувајќи за проектот „Скопје 2014“ како градење на идентитет кој не е заеднички за сите, на панел-дискусијата во Скопје „Допирни точки: Што е Балкан, што се зборува за Балканот и што би можел Балканот да биде“, во организација на Форум ЗФД и српскиот неделник „Време“.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=ByxtTFeMmSM[/youtube]

„Има посебни моменти, независно од болката што ја чувствуваме за некои работи што се случиле и се случуваат,  кога не сакаме да се навраќаме на нив, меѓутоа, ги вртиме на хумор, затоа што по се изгледа дека тоа е одлика на сите нас што живееме на Балканот. И токму по ова се разликуваме, ние Албанците од Косово, од Албанците од Албанија, затоа што ние од Косово имаме голема смисла за хумор, секоја ситуација со која во одреден момент сме преокупирани и не ни се допаѓа, се трудиме да ја свртиме во хумор.

Ми кажаа дека кога ќе одам во Скопје, да не застанувам на отворен простор и да стојам, затоа што луѓето можат да помислат дека сум споменик. Ова ми беше многу смешно, иако во оваа мала иронизација има многу вистина. Кога го поминував мостот, мислам дека го викаат Мост на уметноста, се прашав: Каде ли ги пронашле овие луѓе? Јас ја разбирам идејата, дека ние секогаш сакаме да си ги вратиме нашите драги луѓе, или тие што  ги цениме и што оставиле поезија, оставиле траги во културата, историјата или во музиката, но  сета оваа историја не треба да се манифестира на овој начин, во толку мал простор како што е центарот на Скопје. Невозможно е, затоа што го убива градот! Дури мислам дека прочитав некаде, дека скулпторката која направила еден голем дел од спомениците,  изјавува оти центарот на градот бил многу празен, и дека имало голема причина да се наполни.

Во принцип, мислам дека токму празнината е таа што ја создава можноста за манифестирање на архитектурата, и, манифестацијата или перцепцијата или здравата комуникација меѓу двајца луѓе, затоа што, ако ние сме многу блиску, не може да има меѓусебна перцепција, се чувствуваме заплашени. Значи, имаме потреба од оддалеченост, од празнина меѓу нас, за да можеме да имаме јасна перцепција кон другиот, за да може да се комуницира слободно, да се има чувство на сигурност во и со себе... Истото ова важи и во архитектурата. Ѕидовите не ја прават архитектурата, токму празниот простор, јавниот простор, растојанието меѓу објектите се тие што оставаат можност граѓаните да го доживеат градот и да се чувствуваат добро во контекстот во кој тие поминуваат, стојат или комуницираат меѓусебно.

Додека во социјална смисла, некој мислел дека со овој начин на манифестација на архитектурата се гради националниот идентитет, моето лично мислење е дека последиците ќе покажат дека ова повеќе ќе произведе делења и судири, отколку заедништво или условно кажано зближување и поставување на етничките заедници  на еден отворен простор, за да се живее и да се манифестира македонскиот идентитет во иднина на колективен начин“, изјави Хоџа.

Говорници на дискусијата беа и Теофил Панчиќ, колумнист од Србија, Жидас Даскаловски и д-р Сашо Орданоски, политички аналитичари од Македонија. Панелот го модерираше Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Оваа вест е достапна и на: Albanian