Цивика Мобилитас денеска ги промовираше новите акциски, мали и ад хок грантисти. Вкупно 15 организации добија акциски грантови наменети за поддршка на граѓанските организации кои сакаат да ги промовираат нивните каузи и активности со вкупен буџет од над 27 милиони денари.
Планираните активности ќе бидат насочени во повеќе сектори како антикорупција, владеење на правото, родови прашања, медиуми, животна средина, култура, спорт и рекреација... Добитници на грантови се од Скопскиот, Полошкиот и од Југоисточниот регион.
„Семејството на Цивика Мобилитас од денес се зголеми за 22 нови членови и сега брои вкупно 115 организации“, рече Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и Национален лидер на тимот на Цивика Мобилитас.
На настанот беа промовирани и шест мали акциски и два ад хок грантисти кои нивните активности ќе ги стават во фокус на потребата од дебата - дилемите и условите во општеството, Скопје низ очите на безгласните граѓани, Галичник...
Цивика Мобилитас за првпат додели и пет стипендии со што ќе им се овозможи на стипендистите да го спроведат своето задолжително оригинално истражување, кое е обврска за докторска дисертација на теми кои се релевантни за развој на граѓанскиот сектор.
Амбасадорката на Швајцарија во Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада им ги врачи договорите на грандистите. Таа кратко се осврна на значењето на граѓанското општество и на напорите што Швајцарската амбасада ги прави преку програмата на Цивика Мобилитас.
Новата поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество преку програмата Цивика Мобилитас, започна во октомври 2014 година и ќе трае до септември 2018 година. Буџетот на програмата изнесува околу осум милиони швајцарски франци.
Дехран Муратов