Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (08 јули 2016 година): Владата ќе го укине Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите || Нова задолжување на Македонија || Апелациониот суд нема да ја изземе судијката Поп Стефанија од случајот "Тврдина" || Презентиран документот „Предлогот за итни демократски реформи"
Владата ќе го укине Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите
Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите, според последната одлука донесена на седница на Владата – ќе се укине! Правниот експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Сандра Гавриловска, смета дека во услови на политичка криза и на инфициран правосуден систем, оваа одлука на Владата е нелогична. „И покрај се посилните меѓународни притисоци, особено за функционирање на нашиот инфициран правосуден систем, апсурден се чини ваквиот најнов ‘изум’, односно, предлогот на Владата за укинување на Советот за утврдување на факти, и изгледа само како уште еден обид за продлабочување на политичката криза”, вели Гавриловска.
Нова задолжување на Македонија
Максималниот износ на новото задолжување со еврообврзница која ке се емитува во 2016 година е 650 милиони евра. Ова е одлуката на Владата, донесена на седницата одржана на 21 јуни, која веќе е објавена во „Службен весник“. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Џевдет Хајредини, економски аналитичар. По сите сигнали кои стигнуваат за секнување на другите приливи што влегувале во Македонија, еве и последните мерки на Европската комисија, ја прават ситуацијата многу, многу сложена. Условите се многу тешки и во тој случај се прифаќа каматата која е многу повисока. Друг излез Владата нема, а какви последици ќе имаме, наскоро сигурно сите граѓани ќе бидеме сведоци”, смета Хајредини.
Апелациониот суд нема да ја изземе судијката Поп Стефанија од случајот "Тврдина"
Апелациониот суд одлучи судијката Александра Поп Стефанија и натаму да остане во случајот „Тврдина“ и го отфрли барањето на Специјалното обвинителство кое бараше нејзино изземање од овој предмет. Жалбата на СЈО апелационите судии ја одбиле како неоснована.Специјалното обвинителство на 23 јуни поднесе барање за изземање на Поп Стефанија како судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1, која постапуваше по предлог на ова обвинителство за мерките за обезбедување присуство на осомничените во случајот „Тврдина“. СЈО прво поднесе жалба до Кривичниот суд, но откако беше одбиена, се жалеше и до повисокиот суд, но и Апелација ја одби жалбата.
Презентиран документот „Предлогот за итни демократски реформи"
Група граѓански организации и експерти, на денешната прес конференција го презентираа документот „Предлогот за итни демократски реформи", со кој на концизен начин се дава насока за клучните демократски промени во земјата потребни за фер, слободни и кредибилни избори. ЦИВИЛ – Центар за слобода, е еден од иницијаторите заедно со повеќе граѓанските организации и експерти.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]