По Хајндл, а пред Нуланд во Скопје: Неколку предупредувања

Една година по „Пржино“, состојбата во Македонија е повеќе или помалку слична: нема нови „бомби“, опозицијата е во Собранието, политичкиот и парламентарниот процес се „конзервирани“,  формирано е СЈО, Груевски не е премиер, а Димитриев е покритие за неговото политичко делување на „терен“. Нема позначајно поместување ниту во позиционирањето на четирите „пржинци“, ниту во поддршката кон нив, а за над третина од електоратот, тие воопшто не се атрактивни. Толкувајќи го ова како индикатор дека статус-кво ситуацијата им го јаде политичкиот комфор и монопол, фокусот им е насочен кон спречување на „ширењето“ на процесот кон другите партии и граѓански чинители. Но, јасно (им) е дека за тоа е доцна.

Пишува: Ивон Величковски Претседател на Либерлната партија

Пишува: Ивон Величковски
претседател на Либерлната партија

За излез од тековната состојба и од кризата, потребна е јасна стратегија и агенда за сегашниот (пржински) процес да се дисперзира, демонополизира, да се направи транспарентен, меѓу другото, и за да ги мотивира третината граѓани што не се препознаваат во политиките на „пржинците“. Третината неопходна за изборна промена, но и третина чиј придонес е условен со промена на поредокот, а не само со промена на некој политичар или партиска „елита“ што ќе продолжи да ја цица, парализира, па и приватизира државата. Одново.

Една година по „Пржино“, веќе е јасно дека потребни се вистински и одржливи реформи пред изборите, наместо хартиена и законско-административна шминка како досега.

Кршењето на сега споената партиска и административна вертикала со партиите на власт е основа за спречување на изборните манипулации и буџетски спонзорираната корупција, за да се дојде до демократски и кредибилни избори кои се само производ на промената на поредокот, а не почеток на процесот. А за тоа, потребна е „надпржинска“ транзициона влада.

Само така, следниот владин мандат нема да помине во нова или (ре)окупација на онеспособените државни институции од партиите, туку низ институциите ќе се решаваат економските, надворешно-политичките и безбедносните предизвици пред кои се исправени и РМ, и регионот.

Без тоа, исходот на брзите парламентарни избори во октомври/ноември ќе биде еднаков со оној на јунските студентски „избори“ на УКИМ.

Значи, ова не е прашање на техника, туку на стратегија што ја застапува граѓанско-либералната опозиција, каде неизбежни теми за вистинско откочување на политичкиот процес се и контролата и департизацијата на тајните служби, и промената на изборниот модел, пописот...

А за тоа е потребно време што рационално ќе биде искористено. Тоа исклучува било какви преговори за изборен датум без јасен список на приоритетни реформски решенија што ќе ја одвојат партијата од државата, приоритети од кои одговорен политичар и партиски претседател не може и не смее (да помисли) да се откаже – со изјава или постапка.

Времето е потребно и за да се анулира „проектот“ на ВМРО-ДПМНЕ за „лепење“ на СЈО за СДСМ, но пред сѐ за процесуирање и првостепено пресудување по досега отворените предмети од СЈО, како суштинска поддршка на неговото работење. Низ создавање и постапување и на „Судско одделение за одлучување по предметите покренати од СЈО“ на пример.

За друго не може да се „преговара“. Бидејќи одговорноста за доведувањето на државата и системот до дното јасно е лоцирана во Груевски и Ахмети, а недостатокот на јасна платформа за излез од кризата е блокирачка за Тачи, препознавањето и прифаќањето на суштинските предизвици и навремените сугестии е обврска и одговорност на Заев.

Неговото инсистирање за персонализирање и централизирање на одговорноста во преговарачкиот процес изминатава година денес го соочува со оваа неминовност. Ако процесот не го дизајнираше за да се влече цела година, состојбата ќе беше поинаква. Сега, имајќи ја предвид неговата одважност за објавување на „бомбите“ и за отворање на процесот на делегитимирање на Груевски, се надевам дека ќе направи правилен избор во постапките и политиките по горенаведените факти и следните предизвици на кои овде (го) предупредувам.

Прво, дека дека политичкиот процес/криза/решение ги надминува капацитетите на четирите пржински потписници. И на партиите воопшто, да бидеме искрени. Неискористувањето на 17 мај 2015 и обидот за преземање на граѓанскиот процес со провоцирање „предвремени востанија“ во 2016, без јасна дистинкција на граѓанските движења од неговиот и политичкиот дискурс на неговиот заменик Шеќеринска, не е ништо повеќе од банализација на суштината низ мултипликација на содржината.

Во оваа смисла, развојот и политичкото артикулирање на „Шарените“ како партија, движење или било која друга форма е прашање на нивен избор, а не на наметната волја од „големиот брат“.

Партииите и движењата од граѓанско-либералната опозиција вклучително Либералната партија, но и конзервативните „алтернативи“ кои програмски, идеолошки или искуствено не се препознаваат во политичко групирање „СДСМ+“, сепак, стануваат незаобиколен дел од столбовите на опозицијата. Заедничката цел за смена на Груевски и груевизмот веќе не е доволна за засновање на опозициската понуда на само еден столб. Затоа, обидот за спојување на сите тие правци во магловита предизборна програмско-кадровска понуда „СДСМ+“, тешко ќе ги повтори и резултатите од 2011, а не пак оние од 2002.

Опозицискиот формат „СДСМ+“ во кој коалицирањето се прави за вработување на пар партиски претседатели или нивни аѓутанти на пратенички места согласно степенот на персонална допадливост на „Бихаќка“ едноставно не е доволен за потребните резултати.

Второ, живееме во дефакто ЕУ санкции кон земјава. Притоа, провладините медиа-спинери нема лесно да дозволат јавноста да се соочи со фактот дека санкциите се кон државното политичко раководство, иако знаат дека прекинувањето на бесповратната помош за Македонија од ЕУ е потемелен процес што ќе влијае на сите економски параметри. Имајќи ја предвид поврзаноста на предпристапните инструменти на ЕУ со политиките на ЕБРД, СБ и ММФ, јасно е дека нашата економијата ќе трпи. А со неа и стандардот и развојните перспективи на работниците и бизнис-заедницата, односно – секој од нас, граѓаните, поединечно. Планираната евро-обврзница е само илустрација за длабокиот јаз меѓу проектираното, посакуваното и потребното, а со 6 ноември како потенцијален датум за избори понуден од Заев, Груевски добива шанса да ја пополни дупката и да продолжи да глуми „нормалност“, купувајќи гласови со пари од нови задолжувања.

Во економијата продолжуваат и обидите за непријателско преземање на фирмите. Обидот за промена на сопственичката структура во „Макпетрол“, со „Телма“ како колатерала, е парадигма за имплементација на „фамилијата“ во нафтениот бизнис преку „рент-а-фејс“ ликови и фирми, но и отворање врата за идна енергетска зависност на Македонија од исток.

Либералната партија ја сфати и со задоволство ја прифаќа пораката од Варшавскиот самит на НАТО дека „Русија нема право на вето во однос на проширувањето на Алијансата“. Тоа е став, а ставот се брани и на него се опстојува. Не само декларативно, и секако не со игнорирање на овие централни прашања додека јавноста се замајува со „методологии за списоци“.

Трето (низ форматот на пржинските преговори), продолжува тенденцијата на претставување на кризата како судир меѓу ВМРО-ДПМНЕ+ и СДСМ+, односно меѓу левицата и десницата. Во услови на вакво минимизирање на проблемот, македонските „конзервативци“ ќе може да сметаат на солидарноста на своите сестрински партии. За промена на овие позиции (на европските народни партии), потребно е да се покаже дека и левицата, и граѓанско-либералната опозиција и... се спротивставуваат на партизирањето на државата и се борат за владеење на правото во Македонија, како темелна европска вредност.

Четврто, последните промени на Законот за внатрешните работи покажува дека ВМРО-ДПМНЕ подготви терен за препарирање и на министерот за внатрешни, на кој типува СДСМ и во следната пржинска влада. А тоа е доволна причина „дури“ двата услови на СДСМ за одење на брзи избори - „прочистување на избирачкиот список“ и „медиумски реформи“ да станат смешни и патетични.

Петто, пораката на Хајндл дека „предвремените избори треба да се случат пред 2018“ е јасна и прецизна. Насочена е (и) кон оние што инсистираат на изборен датум без реформи, а кажува дека избори без суштински реформи е отстапување од принципите на модерната, евро-атланска и европска Македонија, принципи на кои ЕУ и САД се подготвени да и помогнат да се изгради РМ. Ако има лидери што тоа го сметаат за сопствена изворна определба, а не за натурена задача.

Извештајот на Прибе не е мртов. Можеби „пржинците“ сакаа да го стават под ќилим, но тоа веќе не е можно. Затоа, брзи избори во 2016 за задржување на правото на поправен испит и зачувување на пар општински „касаби“ во 2017 се штетни и за СДСМ, и за граѓанско-слободарската опозиција и за земјата воопшто.

 

Оваа вест е достапна и на: English