Помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд изрази поддршка за работата на Специјалното Јавно обвинителство и охрабрување за истражувачките новинари и граѓанските активисти во Македонија. Таа денеска во Скопје се сретна со лидерите на партиите-потписнички на Договорот од Пржино, со тимот на СЈО на Катица Јанева и со истражувачки новинари и претставници на цивилниот сектор
„Имав прилика да разговарам со активисти од граѓанското општество и со новинари и да ги охрабрам за нивната јуначка работа. Си заминувам охрабрена дека во наредните денови ќе се постигне некакаков напредок. Денеска видов дека има политилчка волја. Продуктивен беше овој многу важен ден за Македонија. Се обидуваме да ја надминеме политичката криза од минатата година. Има некаков прогрес, но сега е време за завршување на работата“, рече Нуланд.
Актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза, како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО, биле теми на разговор меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевскии и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека соговорниците се согласиле оти суштински важен е излезот од политичката криза, за што, како што посочуваат, е потребен ангажманот и придонесот на сите политички чинители во постигнување на решенија кои ќе внесат доверба во процесите. Груевски посочил дека изборите се единствен излез од наметната политичка криза од опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив.
Од СДСМ соопштуваат дека на состанокот со Нуланд се разговарало за политичката криза во Македонија и за начините за нејзино решавање. Истакнато е дека ова е клучен период за постигнување договор за неопходните услови за фер и регуларни избори, кои би требало да се оддржат во ноември.
„Заеднички е констатирано дека мора да се обезбеди прочистен, доверлив Избирачки список и објективно известување на медиумите и дека со исполнување на овие услови, исто така заеднички, е констатирана можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во текот на месец ноември. Исто така, потенцирана е неопходноста за формирање Влада што ќе организира и спроведе регуларни избори на коишто ќе одлучи слободната волја на граѓаните, како и дека без разлика на промените што ги прави власта во Законот за внатрешни работи, Владата мора да биде формирана согласно сите аспекти на Договорот од Пржино“.
Претседателот Заев порача дека брзи фер избори ќе ја спасат Македонија од економското и финансиско тонење на државата и недемократскиот начин на владеење што штети на евро-атлантските перспективи.
„Власта со намерата за ново големо задолжување преку еврообврзница, со законот за владино рекламирање, со законот за МВР, им нанесува дополнителни огромни штети на интересите на граѓаните на Македонија“, изјавил претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по денешната средба со Нуланд, во американската амбасада, изјави дека во наредниот период ќе се направат напори да се дојде до политички договор за надминување на кризата и да се оддржат предвремени парламентарни избори.
„Имаме голема среќа што САД, како наш партнер, се заинтересирани да ни помогнат да ја оставиме зад нас политичката криза. Сега е моментот сите да работиме да не трае повеќе оваа политичка криза. Мислам дека повеќе се работеше за стратешко начело на Македонија што побрзо да се надмине оваа криза“, изјави Тачи.
На новинарско прашање дали е по посетата на Нуланд може да се очекува лидерска средба, Тачи одговори: „Не сум баба Ванѓа!“. Сепак, тој посочи дека конкретната порака била дека сега е моентот да се надмине кризата и да се договорат избори.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешната средба со Нуланд, ја информирал за предлозите на ДУИ за чистење на Избирачкиот список и за медиумите.
„Соочувајќи се со ризик од различни влијанија, Ахмети побара поддршка од САД за следење на нашиот пат кон интеграцијата во НАТО и ЕУ, при што Нуланд истакна дека тоа е наша заедничка цел. Овој компромис треба да резултира со сеопфатни, веродостојни и демократски избори што е можно поскоро“, соопшти ДУИ.
Д. Муратов