Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (11 јули 2016 година): Вандализам пред доаѓањето на Груевски во Крушево || Викторија Нуланд со поддршка за граѓанскиот сектор и за СЈО || Вработените во ЈП „Улици и патишта“ под притисок да возат нерегистрирани возила || ДКСК не бара одговорност од високи функционери || Уставниот суд не ја разгледа иницијативата за способноста на Иванов да ја извршува функијата || Нов протест на Шарената револуција против задолжувањето
Вандализам пред доаѓањето на Груевски во Крушево
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, по враќањето од свадбата во Италија, викендов беше во посета на Крушево. За време на неговата посета, активистите од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево, насилно го симнаа транспарентот од седиштето на ОО на СДСМ во Крушево, на кој пишуваше „Шутка не ти бега, Никола!” И како овој вандалски чин да не бил доволен, активистот и долгорочен набљудувач на ЦИВИЛ Центар за слобода, Сотир Габелоски од Крушево, во саботата бил нападнат од активистите на ВМРО-ДПМНЕ, додека го чекале Груевски да го посети градот.
Викторија Нуланд со поддршка за граѓанскиот сектор и за СЈО
Помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд изрази поддршка за работата на Специјалното Јавно обвинителство и охрабрување за истражувачките новинари и граѓанските активисти во Македонија. Таа денеска во Скопје се сретна со лидерите на партиите-потписнички на Договорот од Пржино, со тимот на СЈО на Катица Јанева и со истражувачки новинари и претставници на цивилниот сектор.
Вработените во ЈП „Улици и патишта“ под притисок да возат нерегистрирани возила
Вработените во ЈП „Улици и патишта”, од денеска се под притисок од раководството, да возат возила што не се регистрирани!?Како што за ЦИВИЛ Медиа, информираат дел од вработените кои не прифаќаат да возат, без претходно да се регистрираат возилата, веќе е направена листа во која се наведени вработените кои се послушни и оние кои одбиваат да возат. Според досегашната пракса, вработените очекуваат санкциите да бидат 15 отсто од платата во временски период од шест месеци! Бројот на возила кои ќе од утре ќе бидат на терен без регистрација, е планирано да биде поголем од денес, велат вработените.
ДКСК не бара одговорност од високи функционери
Десетици поднесени опомени, барања за кривична одговорност, иницијативи за разрешување и пријави за функционери, кои биле во судир на интереси, или, пак, не доставиле анкетен лист се наведени во најновиот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за нивното работење во 2015 година. Но, во фокусот на работењето на антикорупционерите и понатаму останаа локални функционери и службеници, додека нема ниту една иницијатива за барање одговорност од високи функционери.
Уставниот суд не ја разгледа иницијативата за способноста на Иванов да ја извршува функцијата
Уставниот суд не ја ни разгледа иницијативата поднесена од лидерот на Народното движење на Македонија Јанко Бачев, кој пред еден месец побара да се поведе постапка за утврдување на спреченост на Претседателот да ја врши функцијата. Генералниот секретар на Уставниот суд Оливера Филиповска, одлучила дека нема потреба да се формира предмет по Иницијативата за претседателот Иванов, без воопшто да ги консултира судиите. Ваквата Иницијатива, НДМ ја темелат врз контрадикторните одлуки на претседателот Иванов за аболицијата, за кои самиот тој одлучил дека иако противречни, сите се во интерес на државата.
Нов протест на Шарената револуција против задолжувањето
Стотици полицајци ги блокираа сите приоди кои водат кон Министерството за финансии, кон кое се упатија илјадниците демонстранти на денешниот протест на Шарената револуција. Протестот и денеска започна од пред зградата на СЈО, од каде со транспарент „1,1 милијарди причини за крај“, шарените револуционери го продолжија протестниот марш. Со полициски кордон демонстрантите се соочија на улица „Македонија“, за потоа да сфатат дека полиција има насекаде, со што пристапот до зградата на Министерството за финансии кон која беше упатен денешниот протест, беше речиси невозможен. Најбројна беше полицијата пред премините кај трговскиот центар „Палома Бјанка“.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]