Решение за актуелната политичка криза, и според граѓанскиот сектор и според меѓународниот фактор, се фер, демократски и регуларни, кредибилни избори, на кои гласачите слободно ќе го дадат својот глас за опцијата во која веруваат. По завчерашната посета на Македонија на заменик државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, како да се враќа оптимизмот дека со политичка волја за реформи, регуларни избори, сепак, може да се случат до крајот на годинава.
Според проценките на претседателот на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Џабир Дерала, кредибилни избори ќе се одржат во ноември, доколку целото општество, со сите капацитети, се избори со политичката корупција којашто ги инфицира сите пори на системот. Според него, во процесот на преговори, покрај лидерите на четирите политички партии од македонскиот и албанскиот блок, треба да бидат вклучени и претставници на цивилниот сектор.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=zKD8lkv7jlE[/youtube]
„Сметам дека политичката корупција е толку длабоко вкоренета во македонското општество, во системот, во институциите, во животот на граѓанките и граѓаните,што може да се искорени, само доколку целото општество, со сите свои капацитети, се вклучи во општествениот процес, којшто ќе придонесе кон нејзиното надминување. За такво нешто да се постигне, не може само четворица да преговараат. Сметаме дека и тоа сме го кажале, не знам колку пати изминатата година, дека граѓанскиот сектор, невладините организации, граѓанските иницијативи, меѓутоа и политичките партии, дури и оние коишто не се парламентарни партии, треба на различни начини да бидат вклучени во овој процес. Бидејќи, ако се ограничи овој процес само на четворица мажи, би требало да очекуваме дека уште повеќе работа ќе имаме и по некои евентуално, приближно фер, демократски, слободни и кредибилни избори“, оценува претседателот на ЦИВИЛ, Дерала..
Избирачкиот список, според оценките на Дерала, може да се прочисти за релативно краток период, но за тоа е неопходна политичка волја. Зашто, само со Избирачки список во рацете на правото и експертизата, а не во канџите на политиката, во Македонија може да се спроведат кредибилни избори.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=seuXUpRzmx0[/youtube]
„Избирачкиот список може да се прочисти и тоа може да се направи во релативно краток рок. Многу експерти со кои ние сме се консултирале, почнувајќи од експертите од Хрватска и завршувајќи со оние во Македонија, луѓе кои што имаат искуство и како претседатели на ДИК, луѓе кои што воделе проекти,кои ги ажурирале избирачките списоци, овој документ е многу важен и тој се ажурира секој ден“, смета Дерала.
„Она што ние го откриваме изминатите неколку години е намерна злоупотреба, манипулација и криминално извртување на овој документ, за да се постигне поинаков изборен резултат од оној што би се добил, кога таквото искривување не би се случило. Тоа сé остава некаква трага. Како што кажа и претставничката на СЈО неодамна дека ‘нема криминал што не може да се открие’. Значи, за сé тоа има траги, електронски, административни..., бидејќи фалсификување на Избирачки список не е мала работа. Тоа бара инволвирање на многу луѓе, на цели служби и има повеќе постапки. Со политичка волја или уште попрецизно, со тргање на политиката од ДИК, ние можеме да очекуваме ефикасно, брзо и многу солидно чистење на Избирачкиот список за многу краток период. Се работи за тоа дека Избирачкиот список во овој момент е во канџите на политиката. Кога ќе влезе во рацете на правото и на експертизата, тогаш може за кратко време, па нека биде и време на одмори,,нема проблем за да се прочисти Избирачкиот список“, оценува Дерала.
Политичкиот аналитичар, д-р Сашо Ордановски ги предвидува развојот на политичките случувања во државата. Тој е со став дека само со ново раководство, ослободено од актуелните политичари, кои се дел од кривичните постапки на СЈО, владејачката партија може да оди на избори.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=-AguI3omCrg[/youtube]
„СЈО до избори ќе излезе со дестина нови случаи, некои ќе бидат потешки од овие досега. Ќе имплицираат веќе имплицирани функционери од власта, ќе имплицираат и нови, замешани во тешки криминали. Досега не добиваме случаи кои се под 3 години затвор. Мислам и дека ќе се зголеми капацитетот и фреквенцијата на работа на СЈО до изборите“, рече Орданоски.
„Мислам дека ќе дојде до промена на раководството во владејачката партија. Прогнозирам дека ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто има доволен, сериозен капацитет во себе, пред изборите да разбере дека не може да оди со ова раководство на избори. И затоа предвидувам, иако тоа е ризична работа во Македонија, зашто додека ние се занимаваме со политички предвидувања, имаме криминални структури, па сега треба да вклучите мафијашки експертизи за да успеете нешто да предвидите, дека до изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе има вонреден конгрес, на којшто имплицираните партиски раководства во овој тип на криминал за којшто се обвинети, нема да бидат предводници на партијата за време на изборите. И исто така, предвидувам повлекување на оние обвинети кои што се со најтешки импликации во обвинувањата.Имате функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се со 15 кривични пријави, и, иако сите почитуваме презумпција на невиност, но до изборите некој од нив може да има над триесет пријави! Сериозна партија која има намера да владее и да продолжи да владее и да победи на избори, тој тип на преседан не може да си го дозволи, па дури и кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање“, птенцира Орданоски.
„Сакам да кажам дека не очекуваат неколку густи месеци. Сигурен сум дека странците ќе бидат тесно вклучени во тоа што ќе се случува во Македонија. По вчерашните средби, гледаме кај Американците една зголемена решителност за справување со одредени предизвици. Сигурен сум дека тоа што го кажуваат пред камери не е сé, што го кажале зад камерите, и во таа смисла имам мал оптимизам, во поглед на она што сметам дека ќе се случува. Тоа е наша цел на крајот, а сметам и дека ЦИВИЛ - Центар за слобода доволно коректно го формулира. На крајот, не е важно, ако се изборите фер. Ние треба да дојдеме до точка во која најголем дел од гласачите ќе се чувствуваат доволно слободни да можат да го дадат гласот за тие, за коишто мислат дека треба. Оттука натаму, за кого гласаат, нека му е со среќа“, прогнозира политичкиот аналитичар, Орданоски.
Ставовите на Дерала и Орданоски за актуелните случувања и за излезните решенија од политичката криза во којашто тоне Македонија, се презентирани вчера на промоцијата на публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, како дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, во реализација на ЦИВИЛ - Центар за слобода.
Оваа вест е достапна и на: Albanian