Дефинирани се локациите и датумите на големите концерти на Караванот на слободата, организиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со УСАИД.
Предвидени се девет концерти, на кој ќе учествуваат многу звучни имиња од македонската андреграунд сцена, како и локални бендови од градовите-домаќини на настаните. Првиот концерт е закажан во Велес на 5-ти август, потоа следуваат концертите во Струмица (11-ти август), Прилеп (19-ти август), Тетово (26-ти август), Куманово (2-ри септември), Штип (16-ти септември) и концертите во Скопје (29 и 30-ти септември и 1-ви октомври).
Ден пред секој концерт, ќе се организираат настани од помал обем, ди-џеј сетови, средби и активности во по три соседни општини околу градовите-домаќини во кои се предвидени големите концерти, како своевидно финале на повеќечасовните мултимедијални настани кои ќе опфатат и ликовна изложби, дебати на политички теми, работилници, проекции на филмови и видео материјали, настапи на поети и артисти…
На 4-ти август Караванот ќе ги посети општините Неготино, Градско и Кавадарци, каде присутните жители, покрај активностите на тимовите на ЦИВИЛ кои ќе ги проследат, ќе имаат можност и да се пријават за организиран превоз за концертот во Велес. На 10-ти август, ден пред концертот во Струмица, Караванот ќе гостува во општините Богданци, Валандово и Гевгелија, а ден пред прилепскиот концерт, на 18-ти август - во општините Кривогаштани, Долнени и Крушево, каде ќе се одржат средби со граѓаните и ќе се организира превоз за концертите во Струмица и во Прилеп. Ден пред концертот во Тетово, на 25-ти август, Караванот ќе ги посети општините Боговиње, Врапчиште и Гостивар, а како најава за концертот во Штип, ден порано, на 15-ти септември, ќе бидат посетени општините Чешиново, Карбинци и Кочани, и од сите посетени општини ќе бидe организиран превоз за концертите во Тетово и Штип.
Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста и културата да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.