„Да бев на местото на министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, добро ќе размислев дали ќе кажам дека немало употреба на сила врз студентите на 30-ти јуни, за време на студентските избори и дека полицијата, односно ЕБР, се однесувале во рамки на своите ингеренции и надлежности“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.
„Ние студентите бевме со кратки маички и рацете ни беа во вис или на земја, додека припадниците на ЕБР беа дојдени со цела борбена опрема и насилно не отфрлија од местото кое што ни припаѓа. Го повикуваме Чавков да ги прегледа снимените материјали кои ги снимаа неговите полицајци, сигурно ќе види дека имало употреба на сила и вулгарно однесување кон студентите“, додаде Туфегџиќ.
На пратеничкото прашање на Стефан Богоев од СДСМ, кој и зошто издал наредба да се тепаат студентите за време на студентските избори на 30-ти јуни 2016 година, министерот Чавков одговори дека наредбата за распоредување припадници на Единицата за брзо распоредување ја издал командирот на полициската станица којшто е избран од Советот на општина Центар. Иако Богоев побара одговор и колку пари од буџетот беа потрошени за акцијата во која, според него, полицијата на министерот Чавков, тепаше студенти во доцните ноќни часови и директно го прозва министерот дека најмалку што им должи на студентите и на граѓаните е да одговори, зашто, во спротивно, „фрлате сомнеж дека ние или Никола Груевски сте директните нарачатели на ова брутално тепање на студентите од универзитетот 'Кирил и Методиј'“.
„Одговорно тврдам дека не е употребена физичка сила, со присуство на полициските структури е обезбедена заштита на младите луѓе, независно од која страна биле“, рече Чавков.
Туфегџиќ од Студентскиот пленум појаснува дека ЕБР интервенира само за време на вооружена терористичка група или кога има хулигански нереди. „Утре ќе им ја пуштат ЕБР и на децата од градинка, ако решат да протестираат. Се поставува прашањето која е функцијата на обичната полиција, ако за наједноставна работа се ангажира ЕБР“. Таа вели дека Студенскиот пленум ќе ги преземе сите правни надлежности за да се расчисти случајот со студентските избори и со употребата на прекумерна сила од ЕБР.
Веднаш по скандалозното однесување на полицајците, ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Јана Нашулова од Студентскиот пленум, која се осврна на тензичната атмосфера, на неправилностите и нерегуларностте и кражбата на гласачките кутии, која кулминираше со интервенција на специјалната полиција од ЕБР пред канцеларијата на СПУКМ, по што Пленумот побара а сега бараат поништување на изборите за студентски лидер и демократски избори наесен. Нашулова тогаш ни изјави: „... Седевме со кренати раце и викавме 'Стоп за полициска бруталност!', а на тоа ни беше вратено со удирање по нозете, затоа што се трудеа да не истуркаат, не влечеа за да не тргнат, и на крај, бевме одбиени од нивните штитови, па некои од студентите имаме модринки“.
Дехран Муратов