Утревечер, (сабота 30 јули), на плоштадот во Струга, во рамките на Дримон фестивалот, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Караванот на слободата ќе настапат со своја програма. Настанот започнува во 20 часот со ди-џеј сет на CIVIL Art Crew. Ќе следуваат поетски читања на Елена Пренџова и Теута Ајдини - Јегени, видео проекции на прилози на серија на наградени граѓански новинари, како и проекција на видео – арт филмот „Жнејачот “ на Џабир Дерала.
Инаку, Караванот на слободата, во периодот од 5 август до 1 октомври, ќе организира 9 големи концерти и повеќе мултимедијални настани во 27 градови низ цела Македонија, на кои ќе учествуваат познати бендови и музичари, како Бени и Нон - Стоп, Пеце Суперхикс, Тони Зен, Стринг форсис, Мугер фугер, ПМГ колектив, Сетстет, Репортерс, Лилит и Амон Мра, а освен музика, ќе има и многу поезија, театар, видео проекции, изложби, работилници и дебати за слободата.
Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
Ова е втор настап на екипата на ЦИВИЛ и Караванот на слободата на фестивалите кои се одржуваат летово во Македонија. Претходно, во рамки на Д Фест во Дојран, Караванот учествуваше во програмата на Москито сцената со хип-хоп настап на Оринџ Грув и со поетски читања и проекции, а ваква соработка во теков на летово ќе оствари и со неколку други фестивали во земјава.
Оваа вест е достапна и на: Albanian