Со мултимедијален настан, којшто има цел да го искористи влијанието на уметноста и културата и да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество, Караванот на слободата од ЦИВИЛ – Центар за слобода, во саботата (30 јуни) беше дел од четвртото издание на фестивалот „ДримОн“ во Струга. Тимот на ЦИВИЛ, во текот на денот делеше информативен материјал и разговараше со стружани, промовирајќи ги целите на Караван на слободата. Мултимедијалниот настан се одржа вечерта со почеток од 20:00 часот на малата сцена на плоштадот во Струга.
Пред присутните беше промовирана програмата и идејата на Караванот на слободата, активностите коишто се дел од проектот, и следните настани на ЦИВИЛ.
Со поетско читање настапија Елена Пренџова, Биљана Јордановска и Теута Ајдини Јегени.
Потоа беа прикажани видео проекции на стории подготвени од наградени граѓански новинари, во рамки на проектот „Граѓански објектив“ како и проекција на видео арт филмот „Жнеачот“ чиј автор е Џабир Дерала.
Со музички перформанс настапи и координаторот на проектот „Караван на слободата“, Петрит Сарачини.
Во текот на денот, ЦИВИЛ присуствуваше и на дебатата „Отсуството на културата и уметноста во медиумите“. Панелисти на дебатата беа:Звонко Наумоски, Влатко Галевски и Небојша Вилиќ, а модератор Ана Јовковска.
Ова е втор настап на екипата на ЦИВИЛ со проектот Караванот на слободата на фестивали низ Македонија. Пред две недели ЦИВИЛ ја збогати програмата на „Д фест“ на „Москито сцената“ со хип-хоп настапот на „Оринџ Грув“,поетски читања и проекции на видео материјали од сопствена продукција.
Караванот на слободата e проект финансиран од УСАИД, имплементиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Овој динамичен мултимедијален проект го поттикнува учеството на граѓан(к)ите во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.