Лазар Ставров, музичар: Ако ти го убијат ентузијазмот тука завршува сѐ!

Лазар Ставров, музичар и активист, член на групата The Gandhies, зборува на тема слободата и музиката.

За него, музиката е моќен елемент за создавање и креирање на слободата. „Ние во себе носиме еден порив, една желба за создавање за креирање, за прогрес – ентузијазам. Ако ти го убијат ентузијазмот тука завршува сѐ“ – вели Лазар.

За идејата на Караванот на слободата вели: „со оглед на тоа што само 10-15% од општеството се стремат кон слободоумни идеи и слободата како приоритет за општествено живеење, многу ми е драго. Добро е тоа што некој се сетил дека може да направи нешто со кое би можел да ги ослободи другите“.

Автор е на песната Шарен крај, за која вели дека не би сакал да биде потпишан како единствениот творец, бидејќи им припаѓа на сите слободоумни граѓани. „Шарен крај нема да си ја припишам само себе си. Таа е посветена на сите слободоумни граѓани кои се ослободени од сите репресии кои што ги чувствуваат од општеството. Таа е дел од целокупната Шарена револуција.“

Тhе Gandhies е аlternative dance, dance-punk, indie rock, electronic  состав. Идејата за создавање на бендот е плод на долгогодишната соработка помеѓу Марјан Недев – Џани (гитара) и Лазар Ставров (вокал) кои, преку комбинирање на многу музичи стилови, го градат звукот на The Gandhies, како посебен дел од македонската прогресивна и андерграунд музичка сцена.

Лазар Ставров ќе настапува на големиот концерт на Караванот на слободата, на 5 август во Велес.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.