СДСМ: Груевски лажно ветува покрив и парче леб за ранливите категории граѓани!

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го обвини лидерот на владејачката ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски за лажни ветувања на ранливите категории граѓани, по 10 години владеење. Оттаму посочуваат на  злоупотреби направени при распределба на социјалните станови во Ресен, Демир Хисар и Прилеп.

„Никола Груевски единствено интензивно го уништуваше стандардот, животот и спокојот на граѓаните на Република Македонија. Попусто сега, по 10 години, Никола Груевски лажно ветува покрив над глава или парче леб за ранливите категории граѓани во земјава. Граѓаните не му веруваат на Груевски. На сите им е јасно како оди распределбата на социјалните станови и какви злоупотреби се прават со нив. На бодовните листи највисоко котирани се активисти на ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат живеалишта, а најдолу се оние кои се без дом и живеат во импровизирани живеалишта“, стои во реакцијата на најголемата опозициона партија.

socijalni stanovi prilep

Од СДСМ го повикуваат Груевски „наместо да се фали со распределба на станови на партиските активисти“, да објасни „зошто го сруши т.н. Ромско маало, кај полигонот во Скопје, без да се обезбеди соодветно вдомување на граѓаните’?

„Зошто се дозволи над 100 дечиња да останат без живеалиште и покрив над глава? Криминалното владеење на Груевски, коешто им нанесе огромна штета на граѓаните, особено на ранливите категории граѓани, завршува. Доаѓаат демократски промени на коишто граѓаните ќе изберат нова, одговорна Влада предводена од СДСМ, којашто вистински ќе се грижи за сите граѓани“, порачуваат социјалдемократите.