Дваесетина заинтересирани за уредничкото место во МТВ и за ад хок телото

Над 20 професионалци аплицирале на повикот што го објави СДСМ за избор на кандидати за членови на регулаторното ад-хок тело за контрола на медиумите и кандидати за главен уредник на МТВ

„Во текот на денот ќе извршиме интензивни консултации и координации со професионалните здруженија на новинарите, со граѓанските здруженија, со невладините организации, по што ќе имаме повеќе детали. Она што во моментов можеме да го кажеме е дека над 20 луѓе, професионалци се имаат пријавено на повикот, заклучно со рокот што беше до вчера“, изјави денеска Љупчо Николовски, член на ИО на СДСМ.

dsc_0899-470x246

Според членот 196 на Законот за измени и дополнувања на Изборниот законик, ингеренциите на ад хок телото, поточно мандатот на Привремена комисија за мониторинг, ќе трае сé до крајот на изборниот процес за предвремени парламентарни избори.

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА до 19-ти август треба да ги усогласат ставовите околу изборот на кандидатите. Четворица од вкупно петте членови на ова тело ќе ги изберат четирите партии, потписнички на пржинскиот договор. Меѓу нив, еден член треба да биде етнички Албанец. Директорот на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиуми,, на предлог на четирите членови, ќе го именува потоа, петтиот член, што ќе биде претседател на Привремената комисија.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не успеавме да добиеме никаков одговор по кој критериум ќе се врши изборот на кандидати за Привремената комисија, ниту колку кандидати се во игра за овие позиции. Се чини дека ова прашање ќе биде ставено на дневен ред, по завршување на летниот одмор на лидерот на партијата, Никола Груевски.

Во ДУИ пак не сакаа да коментираат на оваа тема.

„Јавете се во Агенцијата за медиуми“, кусо изјави Артан Груби, шефот на кабинетот на претседателот на ДУИ.

Ниту од ДПА не одговорија на телефонските повици и пораки. Со оглед на фактот дека членовите ги избираат само СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со согласност од партиите од албанскиот блок, во ДУИ и ДПА нема некој голем интерес за оваа законска обврска, согласно Договорот од Пржино.

Согласно измените на Законот, изборот на кандидатите треба да биде по претходна консултација со професионални релевантни организации.

СДСМ, како што дознаваме, денеска оствари средба со претставници на еснафски здруженија и граѓански организации. Но, ЗНМ не учествувале на средбата. ЦИВИЛ Медиа побара, но не доби одговор од ЗНМ, кои се причините за тоа.

Според експертите од Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и односи со јавност, ад хок регулаторното тело не е решение кое што ќе овозможи процес на објективно и професионално информирање на јавноста.

„Ад хок телото не е решение за медиумската ситуација пред избори и не може да го реши проблемот на партизираната Агенција за медиуми. Во блупринт - Предлог програмата за итни демократски реформи, во поглавјето за медиуми, предлагаме минимум мерки пред избори, за да се ослободи јавната сфера од политичките влијанија“, истакнува д-р Снежана Трпевска, експерт на МИМ и Високата новинарска школа.

Таа додава дека без департизација на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиуми и без департизација на органите на јавниот сервис, без целосна забрана на државното рекламирање... - како мал дел мерки, не може да се постигнат очекуваните и посакувани, неопходни промени во медиумската сфера во државата, која што во моментов е под контрола на власта.

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian