Кршење на човековите права и слободи, политичка дискриминација, мобинг, затворање фирми - се само дел од проблемите со кои се соочуваат граѓан(к)ите на Велес и на целата земја, а кои ги презентираа на вечерашната дебата што под наслов „Македонија, со или без слобода“, во рамките на програмата на Караванот на слободата на ЦИВИЛ - Центар за слобода, се одржа во петокот во Амфитеатарот во велешкиот Младински парк.
“Сериозни се проблемите со кои се соочуваме и не може да се искажат само во рок од еден ипол час. Велешани најголем дел живеат во страв, граѓаните не се охрабрени да говорат јавно за своите проблеми, стравуваат се уште со кого ќе застанат и што ќе кажат. Затоа, бараме помош од ЦИВИЛ, ве повикуваме ваквите дебати да ги зачестите. Во Велес со години не се одржала дебата на која граѓаните можат слободно, да говорат за себе и за разните форми на притисоци со кои се соочуваат“, коментираат велешани.
Панелистите на вчерашната дебата, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, новинарката и долгогодишен дописник на националните медиуми од Велес, Убавка Јаневска, како и претседателот на граѓанското здружение “Green power“ Игор Смилев, низ своја призма говореа за неопходната потреба од враќање на демократијата во сите сфери во државата и од враќањето на човековите права и слободи.
„Ја прекинав соработката со националниот медиум во којшто работев со години, поради уредувачката политика, која што веќе не можев да ја почитувам, зашто наместо објективни вистини, се инсистираше на договорени прилози и теми, кои се далеку од вистината. Но, и натаму по професија и по вокација сум новинар. Ама, при последниот обид да добијам објективна информација од вработените во полициската станица во Велес, кога заѕвонив на 192, наместо одговор, каде се случила сообраќајната несреќа за која барав податоци, чув глас што ме опцу. Па, сакам да го прашам министерот Чавков, кој се работи во велешката полиција и што се случува со полицијата“, рече новинарката Јаневска.
Според Смилев, доволен доказ за притисоците од власта се кривичните пријави и заканите кои ги преживеал, како истакнат граѓански активист, прв во битката да се стави ад акта, владината заложба за рестартирање на Топилницата. „Ги издржав сите притисоци, зашто не можев да дозволам, личните, бизнис-интересите да се стават над здравјето на моите сограѓани. Но, немаше да успеам без моите сограѓани, без велешани кои останаа доследни во намерата да ги заштитат своите поколенијата од злото“, истакна Смилев.
На барањата од публиката кои се однесуваа на мобингот и на политичките притисоци, адресирани до ЦИВИЛ, Дерала ги повика сите граѓанки и граѓани кои се соочуваат со проблеми и со кршење на човековите права и слободи, особено во сферата на политичката дискриминација, социјалната правда и работничките права, да ги пријавуваат во ЦИВИЛ, чии тимови посветено работат на прибирање докази за бројните злоупотреби и во континуитет бараат соодветни решенија.
Дебатата беше дел од агендата на Караванот на слобода, што го организира ЦИВИЛ со поддршка од УСАИД. Мултимедијалниот настан во Велес опфати бројни активности: поетско читање, изложба на ликовни уметници и концерт на рок-групи, со една цел - да се пренесат низ делото на уметниците, пораките за слобода, за слободен избор и за слободно гласање на следните, предвремени парламентарни избори.
Моника Талеска