Вчера, ден пред големиот концерт во Велес, Караванот на слободата посети пет соседни општини: Неготино, Кавадарци, Градско, Чашка и Росоман, каде тимовите на ЦИВИЛ – Центар за слобода делеа информативен материјал, разговараа со жителите на општините, промовирајќи ги целите на Караванот на слободата.
Во Велес се одржа прес конференција за локалните медиуми, околу денешниот голем концерт кој ќе се одржи во Младинскиот парк (Амфитеатар) и координативен состанок со велешките активисти кои потоа излегоа на терен во соседните пет општини.
Во сите посетени градови пред присутните се промовираа идеите и целите на Караванот, целосната програма за концертот во Велес, активностите кои се дел од проектот, како и идните настани.
Во Кавадарци, на платото пред Општината, се одржа краток мултимедијален настан со дџ-сет на CIVIL Art Freedom Crew и видео проекции на стории подготвени од наградени граѓански новинари, во рамки на проектот „Граѓански објектив“.
Посетата заврши во Велес во вечерните часови каде активистите од градот го најавија денешниот концерт.
На денешниот мултимедијален настан во Велес, кој ќе започне во 18:30 часот покрај дебата, ликовна работилница и изложба, поетски читања ќе настапат Бени и Нон Стоп, Ле Ман и Лазар Ставров.
Караванот на слободата e проект финансиран од УСАИД, имплементиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Овој динамичен мултимедијален проект го поттикнува учеството на граѓан(к)ите во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.