„Ние не сакаме и немаме намера да се натпреваруваме со активистите, едноставно, сакаме да воведеме некаков ред и да имаме поголема координација на терен, за да може поефикасно да им помогнеме на настраданите од невремето“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Али Самет, стручен соработник за подготвеност и катастрофи во Црвениот Крст на Македонија
Самет вели дека денеска Владата на Република Македонија донела одлука Црвениот Крст на Македонија да ја преземе одговорноста за доставување и делење на прехранбени производи, ќебиња, облека..., што ќе им ја достават граѓаните во пунктовите кои се наоѓаат на Момин Поток и во училиштето „Наум Наумовски - Борче“ во Маџари.
„Ние не може да му забраниме никому да помогне самоиницијативно, нашата цел е да се координираме со невладините организации, здруженија, активисти, за на терен да не дојде до некаква забуна. Во моментот, имаме над 100 волонтери и десетина возила на терен и функционираме беспрекорно. Секогаш ќе се најде незадоволство меѓу граѓаните, но мора да знаеме дека се работи за над 5.000 граѓани на кои им е потребна помош“, потенцираше Самет.
Тој ги отфрли обвинувањата на граѓаните кои се ширеа на социјалните мрежи, а и преку добиените информации од терен, дека Црвениот Крст не е добро организиран. Самет истакна дека тоа се само шпекулации и дека волонтерите даваат се од себе да им помогнат на граѓаните.
Трет ден жителите на Ченто, Стајковци, Црешево, Страчинци, Смилковци, Инџиково, Брњарци, и околните населени места живеат во катастрофални услови и се расчистува теренот и куќите на граѓаните.
Дехран Муратов