Граѓан(к)и на скопската населба „Тафталиџе“ изутринава ги поплавија социјалните мрежи со реакции и барања: Општина Карпош итно да ги прекине градежните активности во паркот, а механизацијата да ја насочи во загрозените подрачја. Овие граѓани се особено вознемирени - затоа што градежните активности воопшто започнале во паркот во нивната населба.
„Сакаа да не фатат на препад, но ние сме деноноќно овде. Веднаш се организиравме и на десетината работници, кои се појавија со механизаијата им рековме дека ќе легнеме пред багерите, ако се обидат да копаат. За кусо време тие си заминаа, а ние им порачавме да одат онаму, кај што се најпотребни багери и камиони,- во поплавените подрачја“, вели жител на Тафталиџе.
Екипа на ЦИВИЛ Медиа на терен ја затекна градежната механизација на улица во неспоредна близина на паркот во населбата.
А, од Одделот за односи со јавност добивме одговор дека не Општина Карпош, туку приватна фирма изведувала одредени градежни работи на терен.
„Што се однесува до изградбата на објекти, секој што исполнува законски услови за добивање на градежна дозвола, Општината е должна по закон да му ја издаде, без оглед дали станува збор за правно или физичко лице. Инаку за локацијата за која преку телефонскиот разговор се интересиравте, станува збор за приватен имот којшто е вратен на сопственикот во постапка на денационализација“, соопштуваат од Одделот за односи со јавност.
Иницијативата „Зелено Тафталиџе“ на својот Фејсбук профил, пак, порачува дека не само денеска туку и во иднина, жителите нема да дозволат никакви градежни активности, коишто значат уништување на зелените површини во населбата.
„Една работа заборавивте, нас не можете да не оградите, избркате или забетонирате. Багерите си отидоа и овој пат. Оние кои дојдоа, помогнаа и овојпат да не им дозволиме да почнат со уништување на нашиот парк, нашите и животите на нашите деца!“, велат од инцијативата „Зелено Тафталиџе“.
ЦИВИЛ Медиа