Четвртиот мултимедијален хепенинг на Караванот на слободата ќе се одржи утре (26 август) на Градскиот плоштад во Тетово.На големата сцена тетовчани ќе уживаат во звуците на музиката на слободата отсвирена од Мухамед Ибраими, К’пурдат, Пеце Суперхикс и Бени и Нон Стоп. Покрај многу музика, настанот ќе биде збогатен со „Стихови на слободата“, ликовна работилница и изложба со заеднички наслов „Слобода во боја“, дебата и видео проекции.
Настанот почнува од 18:30 часот во просториите на невладината организација Лоја, со дебата на тема „Македонија: со или без слобода“, на која ќе учествуваат граѓанскиот активист Артан Садику, новинарката Кристина Озимец и музичарот Петар Младеновски (Суперхикс). Дебатата ќе ја модерира Петрит Сарачини од ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Стихови на слободата ќе читаат поетите Гент Мемети, Садије Алити и Маријана Гугоски. Уметничката работилница ќе ја предводи академскиот сликар Мирослав Стојановиќ и уметниците Славчо Максимовски и Јакуп Амети.
Истовремено, Караванот на слободата продолжува со хуманитарните акции за настраданите во неодамнешните поплави во скопскиот и тетовскиот регион. Пред сцената во Тетово ќе биде поставен штанд, на кој посетителите ќе можат да ги предадат своите донации.
Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани, со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти.
Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво. Проектот е поддржан од УСАИД.
Оваа вест е достапна и на: Albanian