Цивил – Центар за слобода и во пресрет на вториот круг од гласање, пред изборниот молк, кој настапи на полноќ меѓу 5 и 6 април, повторно апелира: до политичките партии и нивните членови и активисти, до институциите на државата, организациите на граѓанското општество и сите граѓанки и граѓани на Република Македонија, да дадат свој придонес за слободни и ненасилни избори и со своето цивилизирано однесување да бидат дел од еден фер и демократски политички натпревар.
Во изминатиот период бевме сведоци на бројни нерегуларности и незаконско делување на голем број учесници во политичкиот живот на земјата, а особено во изборниот процес. Апелираме да престанат со таквите практики барем во наредните 48 часа.
Ја повторуваме, за жал, генералната оценка која ја дадовме по првиот изборен круг: Големи штети по демократијата, угледот на земјата и владеењето на правото во Македонија веќе се направени! Бараме да се промени таа слика барем во овие последни часови од изборниот процес.
При овој повторен апел до сите учесници на изборите, бараме и од општинските изборни комисии да не ја попречуваат работата на членовите на нашите работни групи за превенција, кои се уредно акредитирани во Државната изборна комисија.
Цивил, во рамките на проектот Слободни и ненасилни избори 2013, врши целосен мониторинг на изборите со над 140 лица распределени на територијата на целата држава.
Воедно, ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да ни се обратат со информации или забелешки за нерегуларности во текот на предизборниот молк и на денот на гласањето.
Нашите контакт телефони се 02/5209176 и 075/742445. Исто така, можете да ни напишете порака по електронска пошта на [email protected] или на Facebook www.facebook.com/civil.mk.