Изборите ќе се одржат на 11 декември, а преодна влада ќе се избира во петок, на 2 септември. Нов уредник на информативната програма на МТВ ќе биде Санта Аргирова. Љуљзим Хазири ќе биде петтиот член на ад-хок телото за медиумска регулација. Усвоена е методологијата за медиумски мониторинг на изборите што ја изготви Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Ова е исходот од повеќечасовната средба на партиите потписнички на Договорот од Пржино.
Партиите констатираа дека се исполнети сите услови за да се одржат предвремени парламентарни избори. Според тоа, согласно со Уставот, парламентот ќе се распушти, а составот на новата влада ќе се гласа на 2 септември, точно 100 дена пред изборите.
„Направивме многу чекори со цел да ги доведеме во ситуација СДСМ да не можат повеќе да ги одложуваат изборите, да нема каде да бегаат, да мора да се соочат со народот и да му овозможат на народот да излезе на гласање и да си го каже својот збор“, рече Никола Груевски, лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
А, според лидерот на опозиционата СДСМ, Зоран Заев, од денеска Македонија зачекори кон нова иднина, а „режимот на Груевски заминува во историјата“. Тој упати повик до ВМРО-ДПМНЕ и до Уставниот суд: „Да не се дрзнат да чепнат по Специјалното јавно обвинителство. СЈО е израз на искра на враќање на правдата во Република Македонија, има најголема поддршка и верувам дека ќе продолжи да работи надвор од досегот на политичарите и на Уставниот суд кој сите видовме кој го контролира“, порача Заев.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ го повтори веќе договореното на средбата. „Од 2 септември почнува почитувањето на сите рокови, кои што се пропишани во Договорот“, изјави Ахмети. Мендух Тачи рече дека ДПА ќе биде конструктивна и во иднина. „Главната надеж и гаранција за ДПА останува меѓународниот фактор“, изјави Тачи.
И претставниците на меѓународната заедница, американскиот амбасадор Џес Бејли и претставниците од канцеларијата на ЕУ во Македонија изразија задоволство од постигнатиот договор и надеж дека ќе се реализираат кредибилни избори, на кои граѓаните слободно ќе гласаат. Донесените одлуки на лидерската средба според странските дипломати се израз на политичката волја на македонските партии, земјата да се придвижи напред. „Условите за избори на 11 декември се исполнети. Ќе сториме сѐ што можеме наредните недели и месеци, за да помогнеме и обезбедиме одржување кредибилни избори“, вети амбасадорот Бејли.
ЦИВИЛ - Центар за слобода ја поздрави конечната одлука да се исполнат условите на политичкиот договор од 20 јули. Од истиот момент, ЦИВИЛ ќе започне со мониторинг на спроведувањето на овој договор, како и на сите активности поврзани со претстојните избори.
М.Т.