Дориан Јовановиќ, „Стринг форсис“: Ни требаат промени!

„Стринг форсис“ (String Forces) се реномиран македонски бенд, формиран во 1995 година. Досега имаат изададено четири албуми, создавале музика за филм, а имале и многубројни настапи на концертните и фестивалските сцени низ Македонија и на Балканот. Низ двете децении творештво, нивната музика еволуираше од прогресив рок со дискретни традиционални мотиви до World Fusion, базиран на традиционалната македонска чалгија со електронска заднина.

По повод нивниот настап на 23 септември во Штип, на еден од големите мултимедијални настани на Караванот на слободата, зборувавме со Дориан Јовановиќ, фронтменот на бендот, за слободата и уметноста.


ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?
ЈОВАНОВИЌ: Настрана уставните и законски дефиниции, јас слободата ја гледам како чувство својот живот да го живеам и да се изразам во полн потенцијал на некаков начин. Да не биде државата или општеството таа што ќе го загрози тоа мое изразување, дали како некаков автор, дали како некаков инженер, научник, правник или што и да е.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметниците во Македонија се општествено и социјално ангажирани?
ЈОВАНОВИЌ: Тоа е растеглива категорија. Мислам дека кај нас е многу често - ангажманот да биде базиран не на искрени чувства и на пориви и идеи, туку повеќе на некаков финансиски надоместок за својот ангажман во име на некаква партија или движење.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметниците треба да жртвуваат во име на слободата?
ЈОВАНОВИЌ: Па, да е во некое друго време, ќе треба да се каже - и животот! Мислам дека времето повеќе не е такво и условите не се такви, меѓутоа, секако дека не треба да го жртвуваат својот израз и својата идеологија или идеја, тоа не смеат никако! Се друго, е веќе работа на избор, до каде ќе се оди.

ЦИВИЛ Медиа: Која е вашата порака за Караванот на слободата?
ЈОВАНОВИЌ: Ни требаат промени. Државава ни е отидена во ќорсокак, треба да смениме нешто.

Оваа вест е достапна и на: Albanian