Магдалена Саздовска, уметница: Уметноста го менува светот!

Магдалена Саздовска е млада, талентирана уметница од Куманово, магистер по сликарство, која работи како ликовен педагог. Досега учествувала на повеќе ликовни колонии и групни изложби во земјата и во странство. На Караванот на слободата во Куманово учествуваше во уметничката работилница „Слобода во боја“. Со неа разговаравме на тема уметноста и слободата

ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе значи слободата?
САЗДОВСКА: Јас мислам дека уметниците најубаво можат да ја изразат слободата, затоа што уметниците секогаш слободно се изразуваат. Само децата и уметниците можат да го сменат светот на реалноста. За мене слободата значи сѐ она што можам да го кажам слободно, да се изразам слободно на платно и да им го пренесам на сите оние коишто сакаат да го разберат.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за слободата?
САЗДОВСКА: Земајќи го предвид фактот дека еден уметник се запалил во Виена во име на уметноста, мислам дека уметникот треба се да жртвува за да ја искаже слободата, да го искаже својот збор и да ја искаже моќта на слободата, бидејќи многу е битно да дејствуваме преку своите интенции за да создадеме креативност. Меѓутоа, таа креативност мора да е многу исцрпителна, компактна и да им покаже нешто на оние кои сакаат да го разберат уметничкото дело и слободата воедно. Мислам дека колегите треба буквално да дадат сѐ од себе за да придонесат во промените, и така го разбирам и настанот на којшто сум денеска.

ЦИВИЛ Медиа: Дали уметниците се општествено активни?
САЗДОВСКА: Мислам дека уметниците се затворени, пред сѐ, во стегите на политиката која зема сѐ поголем замав и мислам дека замре оној уметнички дух каде што ние бевме авангарда. Авангардата сега, како и да нема, како да не постои. Откако го завршив факултетот за ликовни уметности, како веќе и да нема авангарда во Македонија. Им препорачувам на сите колеги похрабро да дејствуваат, бидејќи, како што велат Американците - „споделувањето е грижа“ (Sharing is Caring), така што, ако не си споделуваме чувства и емоции, нема да се грижиме и нема да ги пренесуваме.

ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?
САЗДОВСКА: Мојата порака е да продолжите понатаму, да се движите кон скалата на позитивноста и да зрачите со позитивна енергија. Толку сум исполнета и драго ми е што присуствувам на овој настан. Навистина сум среќна и сакам да бидат сите среќни, меѓутоа, секогаш да ја разбираат пораката на Караванот, а не да тоа да биде само како забава.