Бог да ги казни политичарите!

„Цело време детето ме држи за рака, не се одвојува од мене бидејќи се плаши пак да не затресе земјотресот“, вели нашиот соговорник кој со своето семејство цела недела живее под шатор во паркчето покрај американската амбасада.

Екипата на ЦИВИЛ Медиа, разговараше со неколкумина од стотината Роми кои по земјотресот минатата недела се стационираа на зелената површина спроти Амбасадата на САД, направија импровизирани куќички и поставија шатори, велејќи дека се плашат да се вратат во своите домови.

„Не се враќаме дома сé додека не бидеме целосно сигурни дека повеќе нема да има земјотреси! Ние живееме во ромското маало во Топаана, познато како 'Две чешми'. Таму куќите се тесни и нема излез доколку се случи посилен земјотрес...“

Граѓаните се гневни на политичарите и на институциите, бидејќи велат дека иако цела недела живеат под шатори, никој не дошол да ги посети.

„Луѓето кога поминуваат со коли, нé снимаат и ни се смеат бидејќи живееме тука, но никој не застанува да нé праша зашто сме тука, вие сте првите луѓе што дојдоа да не прашат... Досега само еден странец застана со автомобилот да нé праша дали сме од Сирија. Кога му рековме дека сме македонски државјани и дека се плашиме да се вратиме во нашите куќи за да не затресе повторно земјотресот, како и дека немаме никаква помош од државата, човекот се фати за глава и си замина!“, вели еден од жителите на импровизираното маало.

„Досега никој не дојде да види како живееме и дали имаме за јадење и пиење, дали имаме потреба од лекар. Политичарите доаѓаат само кога има избори. Овој пат нема да биде така, само да помине ова со земјотресите и сите Роми ќе се организираме и ќе видиме дали некој ќе гласа...“, беше дециден нашиот соговорник.

rommi2

Импровизирана населба на Кале

„Соседите“ на американската амбасада се жалат и дека македонските политичари и институциите ги третираат „како животни“.

„Политичарите гледаат само за пари, никој не ги гледа граѓаните. Ни Нецо, ни Амди Бајрам не дојдоа да видат како живееме и дали ни треба нешто...“, вели нашиот соговорник. Тој во име на своите „соседи“, апелираше до надлежните институции да им донесат монтажни тоалети и помош во вода и ќебиња.

„Повикавме Брза помош, чекавме и не дојдоа, сами го однесовме човекот“, изјави еден од нашите соговорници, кои поради стравот од распуканите ѕидови и паднатите ќерамиди и оџаци, живеат под шатори и бараат основни услови за живот и хигиена, бидејќи стравот да се користат просториите во нивните домови, според нив, е преголем.

Во Македонија многу често се заборава поговорката „Подобро да се спречи отколку да се лечи“, но згора на тоа, и државата не се грижи доволно за дел од своите граѓани. Како одговорните да седат настрана и да им се потсмеваат на исплашените граѓани кои и пред земјотресите живееја на маргините на македонското општество.

Текст и камера: Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: Albanian