„Пуч“ е одложен, Груевски не се појави на рочиштето

Денешното рочиште за судскиот процес „Пуч“ е одложено за први ноември. По оценка на Судот, сведокот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, не бил повикан во судот и тој денес не се појави. По половина час во судницата, во која медиумите немаа пристап, Судот ја донесе одлуката за одложување на рочиштето. За Специјалната обвинителка Катица Јанева, во чија надлежност е овој предмет, одложувањето е незаконско.

 

КАТИЦА ЈАНЕВА ПУЧ

„Реагирав затоа што мојот сведок Никола Груевски не беше повикан на главна расправа. Не го повикале, бидејќи сметале дека тоа денеска не е потребно. Рочиштето се одложи по вина на Судот, бидејќи еден од поротниците се разболел. Реагирав на таа одлука и на одлуката да се одложи рочиштето за први ноември, бидејќи сметам дека ваков предмет е од итна природа и треба да се насрочи порано. Бидејќи луѓето кои се опфатени како обвинети, имаат мерки за претпазливост со кои трпат ограничувања на својата слобода“, изјави Јанева.

Сепак, Специјалната обвинителка не побарала дополнителна мерка за обезбедување на сведокот Груевски.

„Сметам дека условите за судење не се обезбедени. Како прво мојот сведок не е повикан, потоа се одлага предметот неоправдано од страна на Судот, поради болест на поротник, што не е во согласност со Законот за кривична постапка, за време од месец ипол. Тоа е предолг период за случај со такво сериозно обвинение. Мислам и дека неоправдано беше и што Судот не дозволи да влезат новинарите. Но, се надевам дека на следното рочиште ќе влезете и ќе чуете што имам да кажам во однос на моите заклучоци“, рече Јанева.

Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинетите, одлагањето на рочиштето не е поради отсуство на поротник, туку затоа што Груевски одлучил да не се појави денеска во Судот.

„Срамот е голем и на овој Суд. Денеска, ова е доказ, како се инструментализира и како се става под контрола судството, поради едни забегани политики во Република Македонија. Денеска не се одржа рочиште поради тоа што главниот сведок, единствениот сведок - Никола Груевски, одлучи да не се појави или на Судот му беше кажано да не достави покана. Но, за да биде дополнително покриен, наводно, еден од двајцата поротници бил спречен да се појави, иако законот определува и замена на поротници кога е најавено дека некој од поротниците не може да дојде. Во Македонија право и правда мора да има! Тоа мора да биде конечна цел на сите нас, граѓаните кои живееме во Република Македонија. По 11-ти декември, правната држава ќе се врати во Македонија“, изјави Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали Кривичниот суд ќе се охрабри да ги води судските процеси согласно со законот, Заев изрази уверување дека мнозинството вработени во македонското судство се професионални кадри.

Во предметот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се покрај Заев, контраразузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња Верушевска, порaнешниот вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски како вработен во МВР и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица.

Последното рочиште за случајот „Пуч“ се одржа на втори март. Тогаш одложување на расправата побара обвинителката Јанева, затоа што на судењата не доаѓал оштетениот сведок, а Судот не им ги доставил копиите од списите и електронските докази, потребни за да ги подготват воведните говори.

Специјалната обвинителка Јанева денеска изјави и дека во рок од 8 дена, Кривичниот суд е должен да закаже судење за првите две обвиненија кои произлегуваат од аферата „Прислушување“, а коишто СЈО ги поднесе вчера по скратена постапка.

Моника Талеска