„Мислам дека уметниците не се свесни за својата одговорност. И јас не сум бил, во одредени моменти, воопшто. Сум бил насочен кон тоа да го претставам идентитетот на артистот, што на сите очигледно ни е целта. Не да се претставиме вистински, јас сум овој извор, оваа љубов, оваа слобода сум јас... Не, цело време низ идентитети... Овие ќе ме видат, па морам ова да го кажам, вака да изгледам... И, автоматски, уметниците го прават тоа што го сака таа дисфункционалност на свеста да го види. Со исклучок на уметници и артисти кои будно творат, работат, пренесуваат пораки, но малкумина се“, рече музичарот Тони Зен на дебатата „Македонија: со или без слобода“, која како дел од мултимедијалниот настан на „Караванот на слободата“се одржа во Штип.
„Кому му сè случува ова, кој ми го зема мене тоа право на слобода, и да се променам? И сфаќам дека сум јас, и тоа е најголемата битка која човекот треба да ја води со себе. Јас тоа го направив, многу е лесно многу е едноставно, само треба намера. Сè уште не сум видел луѓе кај нас, особено кај големите идентитети на лидери, не сум видел дека имаат намера да направат промена за добробит на сите битија. И замислете, излегува претседател, премиер..., и не се претставува со читање низ моќ и сила, туку се соблекува гол, буквално. Јас тоа го немам забележано, најмалку кај лидерите, елитата, политичарите... Да имало досега, сигурно ќе имало и промени, многу луѓе ќе се поистоветеле со тоа, и ќе сме биле слободни. Меѓутоа, не е така“, рече меѓу другото, Тони Зен.