Колку поблиску до изборниот датум, толку состојбите во Македонија стануваат подраматични. Ситуацијата се менува од час во час. Политичката игра е фокусирана во парламентот и судството. Власта и партизираното судство на сите начини се обидуваат да ја држат ситуацијата под контрола, ниту еден владин актуелен или екс-функционер да не излезе пред лицето на правдата, до изборите. Во констелација кога јавноста очекува итна судска разрешница за предметите кои произлегуваат од аферата „Прислушување“, иронизирајќи ја својата судбина, граѓан(к)ите забележуваат дека Македонија е земја на „ајвар правда“, зашто се изрекуваат санкции само за оние кои прават зимница на отворено.
Лидерот на опозиционата коалиција, Зоран Заев најави жестока борба со мафијата, а лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ветува уште порозова иднина, детски градинки, нови работни места и повисоки пензии. Овие мерки на власта го зголемуваат економскиот долг, ја алармираат работата на ПИОМ и водат до економска ерозија. Според Светска банка, Македонија е последна на листата во регионот, со економски раст од 2 отсто...
Партизираното судство никако да „тргне„
Уставниот суд неделава ќе расправа за аболициите што ги донесе, а потоа ги повлече претседателот Ѓорге Иванов, но на дневен ред и натаму не е Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Обвинителката Катица Јанева со образложение дека ѝ се врши континуиран мобинг, демонстративно ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители, но продолжи со интензивна работа. СЈО ја објави истрагата на најновиот случај под кодното име „Трезор“, под сомнение за проневера на вкупно 862.045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата управа на МВР. За злоупотребата се товарат тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење.
Кривичниот суд во Скопје му ги врати на СЈО барањата за определување мерки за претпазливост за четворицата осомничени во случајот „Трезор“. Доказите биле кодирани, не можеле да се отворат. Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, тврди дека сите наводи на СЈО биле целосно измислени и дека оваа институција е продолжена рака на СДСМ.
Шарената револуција протестираше за поддршка на СЈО. СДСМ побара итна седница за Предлог законот за измена и дополнување на Законот за заштита на сведоци којшто го бара СЈО и измена на законот за продолжување на мандатот на ова обвинителство.
МВР се подготвува за избори
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски порача дека по 11-ти декември, нема да има место повеќе за „тефтер судии“, туку правдата ќе важи за сите граѓани без разлика на етничка и верска припадност. За реализација на кредибилни избори, тој смени 11 раководители на полициски станици. Најави и деполитизација на полицијата и ослободување на заробеното „МВРО-ВМРО“, посочувајќи на Министерството за внатрешни работи, како што во бомбите го опишува екс-министерката Гордана Јанкулоска.
За неговиот заменик, Оливер Андонов, инстант-министерот за 24 часа, овие кадровски смени се „вистински преседан и најгрубо девалвирање на правниот систем на Министерството“, поради едностраното потпишување на решенијата за распоредување на 11 лица вработени во МВР.
Европските дипломати повикуваат на кредибилни избори
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Македонија, којшто ќе биде објавен на 9-ти ноември, нема да содржи многу пофални зборови. Во најдобра варијанта, Македонија ќе ја добие истата минатогодишна формулација – условена препорака за старт за преговори за членство.
Според европските дипломати, кредибилни избори на 11-ти декември се излез за Македонија од политичката криза и нејзино враќање на патот на европската агенда. Парламентарното Собрание (ПС) на ОБСЕ (кое викендов се одржа во Скопје) изрази уверување дека ќе организира масовна набљудувачка мисија на ПС на ОБСЕ, ОДИХР и други релевантни меѓународни институции за изборниот процес.
Поранешниот известувач за Македонија, пратеникот во Европскиот парламент, Ричард Ховит, смета дека глас за СДСМ на следните избори, е глас за иднината на граѓаните.
Зијадин Села од Движењето за реформи на ДПА изрази отворен сомнеж дека декемвриските ќе бидат демократски и регуларни избори. Тој смета дека стравот на одредени политичари и функционери на кои им се закануваат затворски казни, ќе го активира кај нив одбранбениот инстинкт, така што не може да се очекуваат фер и демократски избори. Политичката криза според Села, не може да се реши сè додека судството е политизирано.
Ад хок телото оцени, две телевизии известувале пристрасно
Телевизиите „Сител“ и „Нова“ се првите медиуми коишто од вкупно 18 мониторирани радиодифузери во овој предизборен период, за неизбалансираноста во известувањето ќе добијат прекршочни пријави од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Ад-хок телото за мониторирање на медиумите ја донесе оваа одлука, со три гласа „за“ и еден „против“. Кај другите радио-дифузери не се констатирани прекршувања на Изборниот законик.
ДИК неажурен во откривање на фантомите, но не и при наплата на трошоците
Државната изборна комисија (ДИК) не ја исполни законската обврска да го прочисти Избирачкиот список. На листата со фантомски гласачи и покрај постојаните притисоци на јавноста и на граѓанскиот сектор, се бројат 30.447 граѓан(к)и, а меѓу нив и јавни личности.
Но, ДИК не е неажурна на секое поле, особено ако се земе предвид исплатата на хонорарите за своите членови. За период од декември до јуни, исплатени се 25.000 евра - патни трошоци за сите членови. Од нив 12.000 евра на сметката на Силвана Бонева, која и како пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ многу добро ѝ е позната на македонската јавност, по високите патни трошоци на релацијата Струмица-Скопје.
Изразувајќи отворен сомнеж кон веродостојноста за исплата на толку високи патни трошоци за државните службници, граѓанските активисти на социјалните мрежи покренаа иницијатива, сметките да им се покриваат само на функционерите кои користат јавен превоз, како и обичните граѓан(к)и.
На Македонија ѝ се заканува финансиска ерозија, Владата ита да донесе предизборен буџет
Македонија е последна во регионот, со проектиран економски раст од 2 отсто. Јавниот долг расте. Петта година по ред Владата проектира помал дефицит, а во пракса постојано се проширува буџетскиот минус. Фискалниот дефицит на гарантираниот долг е 50 отсто, а до 2018 ќе достигне над 54 отсто. Од 24,8%, невработеноста ќе се спушти на 22,7% во 2018 година. Но, сé помал е бројот на граѓани што бараат работа. Или се отселени, или се откажеле дека ќе најдат воопшто работа. Загрижува податокот дека дури 89% новоотворени работни места се со државна помош, што прави притисок врз ПИОМ и ја зголемува зависноста од буџетот. Овие анализи за Македонија ги нотираше Светската банка, во последниот редовен економски извештај за државите од Југоисточна Европа.
Стареењето, намалувањето на работоспособното население и ниските стапки за придонеси се клучните причини, поради кои се влошува состојбата во ПИОМ, оценуваат експертите од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Оттаму алармираат на неодржливоста на пензискиот фонд и сé поголемата зависност од Буџетот. Постојаното зголемување на пензиите, сметаат експертите, е само во функција на предизборен маркетинг.
Владата побара од домашните кредитори нов заем. Вкупно 10,8 милиони евра ќе обезбеди преку аукција на државни хартии од вредност. Дел од парите ќе се враќаат за една година, а дел - за 15 години. Веќе во четврток, по основ на доспеани долгови, државата ќе треба да исплати 14,2 милиони евра. Заклучно со вториот квартал од годинава, јавниот долг изнесува 4,2 милијарди евра или 45,3% од БДП и во последните години е со растечко темпо. Бруто надворешниот долг пак изнесува 70,9% од БДП и според ова ниво, Македонија е во групата високо задолжени.
Опозицијата ветува власт која ќе се бори против мафијата, а ВМРО-ДПМНЕ нови градинки и повисоки пензии
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на Конгресот на СДСМ синоќа, најави широк фронт на партиите од левицата и од центарот коишто ќе бидат предводени од граѓаните на Република Македонија. Тој ги повика сите граѓани да им се придружат и на 11-ти декември да ја сменат власта во Македонија. Изрази уверување дека граѓаните ќе гласаат за да ја спасат татковината, а не мафијата. СДСМ го претстави и Планот 24 – план за итните реформи во периодот од 24 месеци или две години во кои Заев се обврза на реформи, кои смета дека ќе ја вратат земјата на евроатлантскиот пат.
Лидерот на ВМРО –ДПМНЕ, Никола Груевски пак, продолжува со најавата на проекти за розова иднина на Македонија. Откако најави дека за 11 евра ќе ги зголеми пензиите, сега соопшти дека ќе се градат 100 нови градинки и 40 други во адаптирани објекти, за следните 3.5 години со 25 милиони евра инвестиции.
Моника Талеска