Четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, ветија на средбата со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан дека се подготвени и дека се согласуваат со одлуката на 11-ти декември да се одржи гласањето за овие предвремени парламентарни избори, со што ќе се стави крај на политичката криза во која тоне долго време Македонија. Освен официјалниот заклучок на партиите дека се исполнети условите за избори, денеска пратениците на седница треба да донесат одлука за распуштање на Собранието, како прв официјален чекор за почеток на изборниот процес.
Ќе гласаат ли пратениците од власта за распуштање на Собранието?
На денешната седница треба да се распушти Собранието, на иницијатива на СДСМ, што на 12-ти октомври беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, со услов претходно да се усвои Буџетот за 2017 година. Но, опозицијата смета дека буџетот треба да го носи новата влада, по изборите.
Пратениците денеска треба да ги донесат и законите за продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и за заштита на сведоците во судските постапки, што произлегуваат од кривичните дела во аферата „Прислушување“. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева се надева дека законите ќе бидат изгласани. Таа на средбата со еврокомесарот Хан разговарала за сите предизвици со кои во работата се соочува СЈО.
На седницата треба да се расправа и за проблемот со вишокот гласачи во Шестата изборна единица, што го премолчи Министерството за правда. Секоја од шесте изборни единици треба да има приближно ист број запишани гласачи, со дозволено отстапување од пет отсто. Но, состојбата на терен е поинаква. Во „шестката“ има 5,28 отсто повеќе гласачи од дозволеното. Државната изборна комисија (ДИК) подолго време предупредуваше на ова и достави и официјално барање до Собранието и Министерството за правда. Но, никој не реагираше.
Македонија под лупата на ЕУ
Еврокомесарот Хан порача дека процесот до изборите, ЕУ и понатаму будно го следи. За ЕУ, изборите се многу важни за враќање на Македонија на евроатланскиот пат. Но, исто толку важни се и итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе. Според Хан, основно е изборите да се спроведат така што по нивното завршување никој да нема забелешки на легитимноста и регуларноста. Тој изрази уверување дека работата на Специјалната обвинителка и нејзиниот тим ќе биде поддржана.
Евродипломатите: Ричард Ховит, Едуард Кукан и Иво Вајгл, на средбата со претставници на македонски граѓански организации во Брисел, порачаа дека изборите на 11-ти декември ќе се одржат. Тоа што некои од политичките партии сè уште не почнале да се подготвуваат за политичка кампања, според европратеникот Вајгл, само значи дека ќе загубат на избори. Тој им порачал на дел политичари во Македонија - „да си најдат добри адвокати“! Според европратениците, ако некоја партија одлучи да не се активира во предизборниот период, тоа е нејзино право и тоа никако нема да влијае врз утврдениот датум за избори.
Граѓанскиот сектор бара помош од ЕУ
Во очекување на конечната одлука, дали ќе се одржат избори на 11-ти декември, граѓанските организации на средбата со еврокомесарот Хан го подигнаа тонот, но во меѓусебни критики. Од Македонската асоцијација на новинари (МАН), обвинија дека СЈО е алатка од политичката агенда на СДСМ и на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права пак, реагираа со обвинување, дека оние кои критикуваат, всушност, се дел од снимените разговори што ги објави опозицијата, а се однесуваат на изборите. Невладиниот сектор побара независно судско одделение што ќе работи на процесирање на случаите на СЈО, а пред тоа, распуштање и реизбор на Судскиот совет, за да се обезбеди непристрасност. Граѓанските организации бараат ЕУ директно да ја лоцира одговорноста, а доколку има следни преговори и тие да бидат вклучени во процесот на надгледување, договарање и евалуирање.
Груевски со наредби ја мобилизира администрацијата
На националниот празник 11 Октомври, македонската продемократска јавност, на иницијатива на лидерот на опозиционата СДСМ, Заев одржа граѓански марш во Скопје. Со автобуси, од сите страни на Македонија дојдоа десетици илјади граѓани. Притоа и истакнати граѓански активисти испраќаа пораки до меѓународната заедница, дека оваа Влада на избори треба да биде сменета, за да се стави крај на политичката криза во Македонија, но и да се отвори нова страница за демократска и просперитетна Македонија.
На 16-ти октомври, исто така со автобуси, но по наредба, врз основа на подготвени списоци, од сите страни на Македонија, доаѓаше државната администрација, вработени во здравството, во образованието, во општините..., за да го чујат на партискиот митинг, говорот на лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот Никола Груевски. Тој, во едночасовниот говор, им вети победа на избори, упатувајќи закани и навреди кон неистомислениците.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: English