ЦИВИЛ: СЈО манифестира невидена посветеност, истрајност и професионализам

ЦИВИЛ – Центар за слобода останува на својот цврст став дека на СЈО мора да му се овозможат максимални услови за работа и соработката на институциите мора да биде целосна и без опструкции. Однесувањето на УБК е непримерно и ќе остане запаметено како уште една мрачна епизода од тешкиот процес за враќање на владеењето на правото во Република Македонија. СЈО ја има целосната, безрезервна и непоколеблива поддршка од ЦИВИЛ – Центар за слобода и ја заслужува големата од граѓанките и граѓаните на оваа земја.

Во безбројните контакти со граѓанките и граѓаните низ целата земја тимовите на ЦИВИЛ бележат силна поддршка за СЈО. Тие ја доживуваат мисијата на тимот на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева како можност за спас од тешките состојби во кои се наоѓа земјата.

Од првиот ден, ЦИВИЛ ја изрази својата поддршка и ставот дека СЈО претставува решителен чекор кон враќање на владеењето на правото, демократијата и правдата во Република Македонија. Никогаш повеќе не смее да се дозволи некој да застане над законот! Никогаш повеќе криминал, корупција, структурно насилство, злоупотреби и изборни кражби! Тие очекувања и надежи ги поттикна токму СЈО.

И Резолуцијата на Европскиот парламент ја опфаќа работата на Специјалното јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во неговата работа.

Но, од 4 декември минатата година, кога практично почна со работа, до денеска, СЈО се соочува со постојани опструкции.

Од самиот почеток СЈО се соочи со жестоки опструкции, со обиди да се дискредитира, со блокади од страна на политички корумпираното судство, со отфрлање на барањата за притвор или мерки на претпазливост за лица осомничени за сериозни кривични дела. Опструкциите и насилништвото на системот се рефлектира токму преку однесувањето на УБК овие денови.

Наспроти сите предизвици, храбриот тим на Специјалната обвинителка Јанева манифестира досега невидена посветеност, истрајност и професионализам и ја продолжува битката за правдата.