НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Македонија се подготвува за избори, во државата „врие“!

Спикерот на македонскиот парламент Трајко Велјаноски ги распиша предвремените парламентарни избори. Роковите течат, државата официјално влезе во предизборие, сложен период којшто, според него, ќе биде тест за партиите, а мандатот ќе им биде вратен на граѓаните.

Решението за изборите стигна и до Државната изборна комисија (ДИК). Членовите на комисијата едногласно го донесоа Роковникот, кампањата почнува на 21 ноември, а јавниот увид на списокот на 28 октомври, кога избришаните, околу 30.000 спорни гласачи,  ќе можат повторно да докажуваат дека не се „фантоми“. Околу 170.000 други гласачи кои се на посебниот список, ќе имаат и дополнителна обрска при пријавувањето за гласање. Започна и пријавувањето за гласање на изборите на 11-ти декември, на македонски државјани што живеат во странство, во дипломатско-конзуларните преставништва на земјава, преку апликацијата поставена на интернет-страницата на ДИК. Иако најспомнувана, Шестата изборна единица остана предизборно нерешена и според оценките од уставните експерти, може да ја доведе во прашање легитимноста на изборите.

Експертите предупредуваат, а политичарите креваат раменици,за вишокот гласачи во шестката. Премиерот Емил Димитриев не очекува проблеми, бидејќи партиите ги усогласиле спорните ставови. Политичките партии - учесници во изборниот процес, треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори. Претстојните избори можат да ја извлечат Македонија од политичката криза, доколку се фер и веродостојни, сметаат евроамбасадорите.

 

Партиите фокусирани на изборни калкулации

Лидерот на најголемата опозициона партија, Зоран Заев изјави дека е сé уште рано да се соопштат кандидатите за изборните листи. СДСМ е во разговори и преговори со политичките партии за склучување на коалиции. Според Заев, СДСМ и партиите од левицата и од центарот, склучија коалиција со граѓаните, и тие ќе бидат застапени на листите. На 6-ти ноември СДСМ ќе одржи Конгрес, кога ќе бидат претставени кандидатските листи за претстојните избори.

Портпаролот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски вели дека во тек се проценките за тоа, кои кандидати ќе бидат на листите. Во моментов, се вршат внатрепартиски анализи и согледувања, со цел најдобрите кандидати да ја побараат поддршката од граѓаните, за да се достигне оптимален резултат од 63 пратенички места.

Експертите и политичките аналитичари не ја исклучуваат можноста ВМРО-ДПМНЕ да се повлече, да не поднесе кандидатски листи, доколку оцени дека паѓа рејтингот кај гласачкото тело, за неколку недели.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека не верува дека ќе има активности коишто би им наштетитле на изборите. Од ДУИ не откриваат дали веќе ги скроиле листите. „Најверојатно на следниот Централен комитет на партијата ќе се одлучува за тоа“, изјави Артан Груби. Од ДПА нема официјални информации. ДУИ и Беса се во водство кај гласачите Албанци, како што покажуваат анкетите.

 

Специјалното Јавно обвинителство стои цврсто во борбата против криминалот

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага за продажбата на градежната парцела за изградба на населбата „Сончев град“ во скопско Сопиште. Во случајот под името „Топлик“, СЈО сомничи шест лица, меѓу кои поранешен функционер во Министерството за транспорт и врски и уште петмина од Комисијата за јавни наддавања. Сите ги товари за злоупотреба на  службената положба, со што Буџетот на Македонија бил оштетен за повеќе од милион евра.

По ова се огласи  поранешниот министер, Миле Јанакиески. Тој целосно ги демантира наводите на СЈО. Експремиерот Никола Груевски тогаш елитниот, а сега пропаднат проект, го најавуваше како инвестиција „тешка“ 100 милиони евра.

И министерката Елизабета Канческа Милеска и уште тројца вработени во Министерството за култура, СЈО ги сомничи дека нанеле штета на државниот буџет од милион евра, во новиот предмет „Тендери“.

Според СЈО, осомничените го „наместиле“ тендерот за изградба на Музејот на ВМРО во полза на акционерското друштво Бетон - Штип. И министерката Канческа Милевска на прес-конференција, демантирајќи ги сите наводи, го обвини СЈО за ширење партиска пропаганда на СДСМ.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски одржа прес-конференција, на која рече дека медиумите и СЈО вршат притисок врз судството. Ваквата реакција доаѓа по распит на петмина судии на Управниот суд во СЈО, што Караџоски го оцени како уривање на интегритетот на судиите. СЈО ги отфрли обвинувањата.

 

Управата за безбедност и контраразузнавање се издигна над законот?

Шведската компанија „Ериксон“ соопшти дека не е сопственик, ниту пак, оперира со опремата за прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), како одговор на барањето на СЈО за техничка асистенција во истрагата што Обвинтелството ја спроведува во УБК. Директорот на Бирото за јавна безбедност и ексминистер на МВР, Митко Чавков, по влегувањето на СЈО во УБК, тврдеше дека системот не е сопственост на МВР и на УБК, туку дека е сопственост на операторот и само овластено лице оттаму, може да пристапи до овој систем. СЈО влезе во УБК со два судски налога: за обезбедување документација од посебни истражни мерки (ПИМ) и податоци од системот за прислушување. Притоа одзема дел од податоците, а за другите, беше решено да се чека надворешен експерт, кој треба да помогне во нивното „извлекување“.

Специјалната обвинителка, Катица Јанева наиде на сериозни опструкции од раководството на УБК. Кулминацијата со која УБК демонстрираше дека е поставена и над законот во Македонија, е чинот на бркање на истражителот на СЈО од објектот на УБК и попречување на неговата работа. Ставот на УБК, според СЈО, бил дека истражителите на СЈО не се присутни во УБК, поради тајноста на функционирањето на Управата. УБК го одби и барањето на Јанева, дежурен истражител да ги чува податоците сé додека не пристигне експертот којшто може да им овозможи пристап до податоците од 2008 до 2015 година. Директорот на УБК, Владимир Атанасовски гарантирал дека опремата и системите се обезбедени, согласно со прописите за класифицирани информации.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека истражителот на СЈО бил приведен неосновано. Катица Јанева го ослободи истражителот од полициската станица „БЕКО“ и го одведе во СЈО. Но, капијата за влез во МВР и беше затворена. Обвинителката со тимот влезе во Управата, но по телефонска ургенција. Јанева од Спасовски добила уверение дека ќе се обезбедува зградата на Управата, по што СЈО ги повлече истражителите од УБК.

Поранешниот обвинител Јован Трпеноски вели дека секоја институција и физичко лице мора да постапат по барање на судот, а МВР е орган кој треба да биде сервис на Обвинителството, а не негов попречувач. Правната криза кулминира, а институциите го допираат дното, коментираат упатените.

Во оваа драма што цела недела се одвива меѓу правосудниот и извршниот систем во Македонија, конечно се огласи и премиерот Емил  Димитриев. Тој порача дека органите на правдата мора да останат надвор од политичката битка на партиите и не смеат да остават впечаток на политичка обоеност. Притоа, истакна дека Владата ќе им дава и финансиска и логистичка поддршка на сите органи на правдата.

ЦИВИЛ-Центар за слобода повторно ја изрази својата силна поддршка за СЈО и цврст став да му се овозможат максимални услови за работа и соработката со институциите да биде целосна и без инструкции.

 

Не само притисоци, туку и физички  напади врз новинарите

Наместо порелаксирана медиумска атмосфера и поголема безбедност за новинарите по потпишаниот Договор и анексот на Договорот од Пржино, состојбата во медиумите во Македонија е уште позагрижувачка. При подготовка за директно вклучување во вести од пред УБК, новинарот нa националнaта телевизија „Телма“, Павле Беловски, беше нападнат oдзади со тупаници и клоци. Полицијата која што се наоѓала во непосредна близина, веднаш го привела напаѓачот. Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочна пријава против напаѓачот. Еснафските асоцијации се огласија со остри осуди на овој чин. Осуди пристигнаа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) и Советот за етика во медиумите.

И Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ) го осуди насилството врз новинарот. Овој чин за АВМУ е директен напад врз слободата на медиумите и врз правото на јавноста да биде информирана. Агенцијата апелираше да не се попречуваат новинарите и претставниците на медиумите во извршување на нивната професионална задача, која е од исклучителна важност во овие општествени мигови.

Во време кога медиумскиот простор во Македонија е ограничен за вистинита, објективна и балансирана информација, се води судски спор против новинарот Зоран Божиновски, еден од обвинетите во случајот „Шпиун“. Првото судење е одложено за 10-ти ноември, на барање на новиот полномошник на Божиновски.

Изминаа три години откако новинарите на Македонија беа брутално  спречени да одржат мирен протест за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност од силни полициски сили. Кежаровски беше осуден на 4.5 години затворска казна за наводно оддавање идентитет на заштитен сведок.

 

Партизирана прослава на Денот на македонската револуционерна борба

ВМРО-ДПМНЕ на партизирана прослава го одбележа националниот празник 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба, што го воведе во годините на своето владеење. Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по тој повод, повика „во името на хероите на минатото и на иднината, да се помириме и да се сплотиме“. Експремиерот Никола Груевски рече дека „борбата пред 123 години, денес е борба за напредок и за благосостојба“.

ЛДП соопшти дека по изборите ќе побара предзнакот „ВМРО“ да биде избришан од името на политичките партии. Според ЛДП, предзнакот ВМРО, денес е узурпиран од политички партии, кои сакаат да ги присвојат само за себе придобивките на славната организација од минатото, иако немаат ништо заедничко со нејзините цели и традиции.

И продемократската македонска јавност која поодамна се залага предзнакот ВМРО да биде избришан од името на партиите, годинешната прослава на Денот на македонската револуционерна борба, го смета за лицемерен и перфиден чин на власта, во време кога поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е во длабока политичка и финансиска криза, чии последици ги трпат граѓан(к)ите.

 

Моника Талеска   

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish