Насилството, попречувањето и ароганцијата – секојдневие на македонските новинари!

На 2 Ноември, Меѓународниот ден за ставање на крај на неказнивоста на злосторствата и насилството над новинарите, не можеме а да не констатираме, дека една од најголемите жртви, сите овие години додека трае перманентната политичка и општествена криза, е токму новинарската заедница.

Последниот случај со нападот врз новинарот Павле Беловски од ТВ Телма е само еден во низата од десетици напади врз новинарите во последниве година - две, што се случуваа по потпишувањето на политичкиот договор во Пржино, кој, меѓу другото, требаше да донесе реформи и значително поместување и подобрување на состојбите и во сферата на слободата на медиумите.

сгсг

За жал, и по Пржино, продолжија физичките напади врз новинарите, од кои речиси ниту еден не е расветлен! Продолжи попречувањето при вршењето работа од полицијата или од други службени и приватни лица, продолжи бришењето на снимки, задржувањата, ограничувањата на слободата на движење, удирањето новинари на протести...

Ќе се обидеме да направиме една мала ретроспектива на тие случаи.

Дента кога се потпиша анексот од Пржино, на 15 јули 2015, вицепремиерот Владимир Пешевски  физички го нападна главниот уредник на веб-порталот „Мактел“, Саше Ивановски - Политико, додека му се доближувал и му поставувал прашања во врска со пржинската спогодба. Нападот е снимен.

Pesevski_intervju_g_0

Минатата година во јули, неколку дена по потпишувањето на анексот на Пржинскиот договор, сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, беше брутално претепан пред кафе-бар во Скопје. Притоа, се здоби со сериозни повреди на главата и со скршен нос.

Во март 2016, Уставниот суд на Република Македонија, без никакво објаснување им забрани на новинарите да ја следат седницата на која се оценуваше уставноста на Законот за помилување, иако тоа е спротивно на Деловникот на Уставниот суд, според кој, седниците може да се затворат за јавност ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државата, службена или државна тајна, заштита на јавниот морал...

Истиот месец, уредникот на кабелската национална телевизија „ТВ Шења“, Мухамед Зекири, доби вербални закани од претставници на владејачката партија ДУИ.

Април 2016 е особено „плоден“ месец, што се однесува до насилството и притисоците врз новинарите. Новинарот и фоторепортер, Петар Ставрев од Битола бил физички нападнат од лицето К.Б. додека известувал за протестите против градоначалникот Владимир Талески, по што интервенирала полицијата. Снимателот на ТВ Мега од Битола, Владимир Бошковски, беше нападнат од учесници на опозицискиот протест пред Општина Битола. Камерманот бил туркан и навредуван и му било наредено да престане да снима. Група граѓани на антивладиниот протест ги демолираа работните простории на Радио Слободна Македонија (РСМ) во Скопје. Во овој месец, на тројца новинари од весникот „24 Часа“ од Бугарија им беше забранет влез во Македонија, на граничниот премин Деве Баир. Новинарот Јане Мамучевски од порталот „Малешевски весник“, по налог на градоначалникот Драги Нанџиски, беше избркан од седницата на Советот на Берово. Мамучевски тврди дека со истите мотиви му било оштетено и приватното возило.

На 13 април 2016, група новинари и фоторепортери беа физички нападнати од полицијата додека известуваа од протестите поради одлуката за аболиција пред Канцеларијата за контакт со граѓаните на претседателот Ѓорѓе Иванов. Новинарот Горан Наумовски од порталот „Плусинфо“ беше удиран со пендрек во главата и притоа изгуби свест, додека фоторепортерите Огнен Теофиловски од „Вест“, Наќе Батев од „Вечер“ и Борче Поповски од „Слободен печат“, како и Томислав Георгиев од „Фокус“, беа нападнати од полицајци, и покрај тоа што биле соодветно означени како професионални новинари. Удрен со полициски штит беше и снимателот на ЦИВИЛ, Никола Угриновски.

_RA16329

Во мај годинава, новинарката Вања Мицевска од националното приватно радио „Канал 77“ беше физички спречена од дел од учесниците да фотографира и да го следи собирот на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ). Настанот се случил во присуство на полицијата. Не само што не била заштитена новинарката, туку полицајците побарале од неа да го напушти собирот.

Последните еклатантни примери, пред оној најсвежиот со нападот на Беловски пред МВР, се од јуни 2016. Во еден случај, двајца припадници на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, влегоа во дворот на ТВ 21 и му ги избришаа снимките од службениот мобилен телефон на новинарот Кристијан Ландов, кој претходно го снимил поранешниот премиер Груевски како поминува на улицата „Македонија“.

Новинарот Томислав Кежаровски беше повикан на информативен разговор во полиција поради учество во Шарената револуција. Обвинителството ја отфрли пријавата за физички напад против сопственикот на порталот „Скај“ од Охрид, Сашо Денесоски.

Како што нагласивме, речиси сите овие случаи биле пријавени во полиција,  но досега, јавноста не е запознаена - дали некој од оние што ја загрозиле безбедноста на новинарите се соочил со некаква одговорност. Напротив, неказнивоста на насилниците и неажурноста на институциите се сѐ поочигледни.

Освен овие случаи, регистрирани се и десетици поплаки на новинари, поради попречување на слободата на движење и попречување на професионалната работа во повеќе наврати, но тие прекршувања веќе ни самите новинари не ги сметаат за сериозни, и воопшто не поведуваат било каква правна постапка, разочарани од повеќето примери на очигледна пристрасност на судовите кога се под удар медиумите и новинарите што не се блиски до власта. А да не зборуваме за секојдневните примери на отворен говор на омраза и повици за насилство од истакнати пропагандисти на власта, кои поминуваат неказнето. Последен таков случај е отфрлањето пријава за повик за насилство од Миленко Неделковски кон повеќе новинари и јавни личности, која и Вишото обвинителство ја отфрли кон средината на јуни 2016, со образложение дека се работи за „лични“ навреди, иако од напишаното, јасно се гледа омразата што се гради врз основа на групни карактеристики.

И, што може да се направи во ваков амбиент, каде што медиумите и новинарството, наместо како артикулатори на јавниот интерес и простор за јавна дебата, служат како маша или како боксерска вреќа за нечии политички или економски интереси?

Насилството врз новинарите и неказнивоста на криминалните дејствија кои ја попречуваат слободата на медиумите мора да престане! Но, тоа не е возможно без да почнат да функционираат независно, институциите и механизмите на државата поврзани со медиумите, кои се моментално узурпирани од партиите на власт. Без судство што ќе го санкционира ревносно насилството врз претставниците на медиумите, обвинителство кое ќе биде далеку поажурно во процесирањето на тие случаи, но и без санкционирање на говор на омраза и на јавни повици за линч, насилство и убиства, кои создаваат атмосфера каде што насилството поминува непредизвикано во јавниот дискурс, нема решение на овој проблем.

13466453_989100637875072_8194942068270715107_n

Од друга страна, исто така, треба да се има предвид дека таков јавен амбиент, каде што ќе доминираат свесноста за тежината на јавно искажаниот збор и одговорни и транспарентни медиуми, не е возможен без доследно и неселективно спроведување на законодавството за клевета и навреда (со земање предвид на практиката на Судот од Стразбур) и без пошироко прифаќање на саморегулаторните механизми од медиумите и новинарите.

Но, треба да го имаме предвид и најважното: без претходно да се подобри политичката состојба, не може да се очекува подобрување на состојбата во медиумите, особено во поглед на неказнивоста на насилството кон нив. Медиумите се огледало на општеството, а секое општество добива и власт и медиуми какви што заслужува. Грдата и насилна слика на македонското општество мора да се поправа од повеќе аспекти, почнувајќи од издишување на балонот на насилството и неказнивоста кој бдее над сите нас. За да се постигне тоа, клучни зборови се – политичка волја.

Петрит Сарачини