Лицемерието на власта, притисоците, сценаријата за уништување на сé што во себе го носи семето на објективното, точно, вистинито и балансирано информирање на јавноста, ми е одамна познато.
Политиката на оваа партија кон медиумите ми беше јасна, уште во далечната 1998 година, кога поради објективно информирање, од тогашен нивен партиски послушник, именуван за в.д. директор (кого пак, партијата подоцна го удостои за послушноста и со наградата „3-ти Ноември“), го добив првиот отказ... Оттогаш до денеска, сведок сум, продолжуваат со несмален интензитет, тенденциите на ВМРО-ДПМНЕ за уништување на секој прогресивен, продемократски ориентиран медиум, како и интенцијата да се бришат новинарските начела, да се сакати професијата -новинар, да се дезавуираат фактите, да се изврти вистината од нејзината оска... За да се креира виртуелна реалност во која ќе слушаме само за наводните успеси на власта, според принципот „работниците се виновни што се одлучиле на протест (по неколку месеци неисплатени плати), зашто така, тие го креваат гласот против партискиот директор и партијата на власт!“
Изминатава деценија се гаснеа медиуми, се затвораа новинари, (случајот со Томислав Кежаровски), се посегаше по безбедноста на мартирите на новинарското перо... И сé така, до Договорот во Пржино, кога и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ставајќи потпис, даде завет дека ќе се бори за враќање на објективното новинарство.
Но, лицемерието на оваа власт, нема крај! Следи екстрадиција на Зоран Божиновски од Србија, за случајот „Шпион“. Но, за високи фигури во ВМРО-ДПМНЕ, ексфункционери со кривични пријави од СЈО, македонското правосудство - првиот сојузник на власта, не може да се осмели, да ги прифати предлог-мерките на СЈО, за времено одземање на патните исправи. Следи и физички напад врз новинарот Павле Беловски од ТВ Телма, а состојбата кулминира со новиот обид на медиумската компанија Медиа Принт Македонија (МПМ), која важи за блиска до власта, да го стави на маса ултиматумот: затворање на „Утрински весник“, доколку не се преполови бројот на сегашните 36 вработени.
Одлуката да се пристапи кон ваков чекор на четири недели пред закажаните вонредни парламентарни избори, става уште една сенка врз декларативните најави на власта за квалитативни реформи во медиумската сфера. Недвосмислено ја изразувам поддршката кон новинарите на „Утрински весник“, како нивен колега до пред една година, кога добив отказ по 10 години редовна дописничка работа, со образложение дека тоа е одлука на раководството на МПМ, за редуцирање на кадрите.
Ги поддржувам новинарите од „Утрински весник“ во нивните напори за опстанок на медиумот, бидејќи оваа редакција е пример, како и покрај притисоците на сопствениците и провладината уредувачка политика, сепак, доследно се бори за примена на професионалните стандарди за објективно и балансирано информирање на јавноста.
Без оглед на исходот на овој последен атак да се стави во канџите на власта, објективното новинарство во Македонија нема да згасне! Затоа порачувам: И сите светла на сцената да ги изгаснете и сите ваши медиумски мегафони да ги активирате, и со притвори и закани да владеете, вистината ќе блесне. Низ перото, низ гласот, низ крикот, низ поривот за слобода на граѓан(к)ите кои ќе ни ја дадат поддршката, нам што останавме на фронтот на вистината.
Ги поминавме ветрометините и бурите и ниту една нова авантура која доаѓа во режија на Владата, нема да нѐ исплаши, знаеме стабилно да чекориме и кога предизвикувате катаклизми во нашите животи. Зашто, ние-борците, сме генераторите на објективното новинарство, кое не ја ведне главата пред силата и моќта, туку се храни од љубовта кон институцијата: објективно и вистинито информирање!