Обвинувања за пазарење со гласовите на Египќаните

Три здруженија на Египќаните, Здружението за заштита на културниот идентитет на Египќаните ИЗИДА 42/21 од Ресен, Здружението на балканските Египќани во Република Македонија од Охрид и Здружението за интеграција на Египќаните ПТАХ од Струга, реагираа по повод вчерашното потпишување на меморандумот за соработка меѓу владеачката ВМРО-ДПМНЕ и, како што се вели во соопштението испратено до медиумите, „таканаречената коалиција на Египќаните која е застапувана од Демир Далип“.

Трите здруженија го обвинуваат Далип дека „самиот се прогласил за лидер на балканските Египќани, дека нема никаков легитимитет јавно да ги застапува преставниците на заедницата на балканските Египќани, а уште помалку, да се пазари со гласовите на оваа заедница“, и порачуваат дека тој единствено „може да дава изјави и поддршка на политички партии во свое лично име, но не и во име на заедницата.

„Како граѓански организации кои се борат за подобрување на социо-економскиот статус на заедницата јавно го повикуваме Демир Далип да им се извини на претставниците на заедницата на балканските Египќани и да престане со манипулациите кои ги прави во изминатиот период. Оттука, ги повикуваме претставниците на заедницата на балканските Египќани, а воедно и сите граѓани на Република Македонија, да не подлегнуваат на манипулации, поткуп, закани и притисоци од политичките партии. Никој нема право да ги прашува граѓаните за кого ќе гласаат, ниту тие имаат обврска да кажат за кого гласале“, се вели во соопштението на трите здруженија на Египќаните во Македонија.