Борците за чист воздух од Битола, активисти и членови на здружението „За нас се работи“, најавуваат дека на локалните избори што ќе се одржат на пролет 2017-та, ќе им упатат на сограѓаните предлог да учествуваат со независна листи за советници, на која, место можат да добијат сите битолчан(к)и на кои личната карта им е поважна од партиската книшка...
На ваков чекор, активистите од здружението се решиле, за граѓаните на Битола, кои ќе ја прифатат оваа платформа, сите оние битолчани на кои нивниот град им е во срцето, да можат поактивно да се вклучат во донесувањето на одлуките во Општината.
„Во нашиот предлог има една 'партија', од која сите ние имаме 'членска книшка', а тоа е личната карта... Таа ќе биде нашата заедничка членска книшка и таа ќе ни биде приоритет... Кој е за неа, таа да биде наша заедничка цел, нека повели! Кој дава приоритет на друга книшка, негово право! Ова е предлог-насока во која би се движеле во иднина, (секако, ако за тоа има поддршка и разбирање кај останатите, а ако не, никому ништо - како и досега)“, напиша на својот Фејсбук профил, Дуле Груевски од „За нас се работи“, откако беше обелоденета предлог-иницијативата.
Од здружението „За нас се работи“ истакнуваат дека кон граѓанската платформа може да се приклучат и членови на политички партии, само доколку политичката активност им е во втор план, а грижата за сопствениот град и за иднината на идните поколенија битолчани, има првенствцо во нивната активност.