Судењето на активистот Богоевски ќе продолжи по изборите!

Повторно е одложено судењето на активистот на Шарената револуција, Павле Богоевски, кој сега е кандидат за пратеник на листата на коалицијата „Заедно за слободна Македонија“. Тој е обвинет за учество во толпа која за време на протестите, предизвикала материјална штета врз зградата на Министерството за култура.

Судењето е одложено за 21-декември, откако било доставено вештачење за штетата, изготвено според датумот, на 10-ти мај, два ипол месеци пред да биде поднесено обвинението. Адвокатот од одбраната, Сашо Дуковски побара одлагање, потенцирајќи дека треба да го анализираат вештачењето.

„Има еден факт, спротивно на минатото рочиште, кога се бараше претставник, сега излезе писмено вештачење за наводната штета. Треба да го анализираме дали е тоа релевантно, дали е направено од овластен орган, дали е нарачано од овластен орган... Видов многу нули таму, ќе анализираме и ќе заземеме став“, изјави Дуковски.

Активистот Павле Богоевски на денешното рочиште се појави со беџ - „Хулиган“, бидејќи високи службеници ги нарекуваа демонстрантите на Шарената револуција: „Толпа“, и „Хулигани“... Тој не даде изјава по судењето.

Седумина учесници на протестите на Шарената револуција добија кривични пријави поради сомнеж дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело, на протестите пред Министерството за култура, кога беше обоена фасадата на објектот за кој Обвинителството вели е објект од културно наследство.

Д.М.

 

 

Print Friendly, PDF & Email