Синдикатот на македонската дипломатска служба денес испрати соопштение со кое ја потенцира партизацијата на дипломатијата и ја предупредува македонската јавност дека процесот на пријавување на македонските граѓани кои живеат во странство за претстојните парламентарни избори, повторно е спроведен со користење на истите манипулации, со ист систем и исти актери, како и за време на изборите во 2014-та година! Синдикалците не навлегуваат во проценки дали неодамнешните активности вродиле со плод, но се сомневаат во вистинитоста на бројките на пријавените македонски граѓани за гласање во странство.
Обраќајќи ѝ се на јавноста, Синдикатот побара од Министерството за надворешни работи да спроведе истрага за тоа како дошло до „злоупотреба на македонската амбасадата во Париз и на нејзиниот персонал за партиски, предизборни цели и активности и да се утврди соодветно одговорност за тоа“, нудејќи како доказ и фотографии од некои од овие настани. Синдикатот ги повика и ги охрабрува дипломатите „кои во моментов работат во нашите ДКП-а, да му ги сигнализираат на Извршниот одбор ваквите и слични манипулации и злоупотреби, како што ги воочиле за време на пријавувањето, така и евентуалните идни вакви случувања, а посебно на денот на гласање на дијаспората, сабота, 10-ти декември 2016!“.
„Синдикатот на македонската дипломатска служба во неколку наврати укажуваше на огромните манипулации во функција на изборите во март 2014-та година, во амбасадите каде има партиски кадри, но и на проблемите со кои се сочуваа во тоа време, нашите колеги - професионалци во амбасадите, во обид да ги спречат ваквите манипулации. Ваквото укажување го повторивме и за време на нашиот прв, предупредувачки протест на 1-ви февруари 2016-та година, со цел да предупредиме дека ваквите манипулации можат да бидат повторени на претстојните, вонредни парламентарни избори, а имајќи го предвид степенот на партизација на нашата држава, вклучително и на нашата дипломатија“, се вели во соопштението на Извршниот одбор на Синдикатот.
Лидерот на Синдикатот на македонската дипломатска служба, Сашко Тодоровски, за ЦИВИЛ Медија изјави дека се цврсто уверени оти преземаат неопходен чекор: „Молчењето остава простор ваквите злоупотреби да се 'протуркаат', како што и се случувало. Веруваме дека состојбите мора да се поправат. Веднаш по обелоденувањето на нашите сознанија, реториката на една од ФБ-страниците е ублажена, и иако се повикува на масовност, го нема дискриминирачкиот тон... А покрај информациите од Франција, почнаа да пристигнуваат и вести за слични случувања во Берн, во Мелбурн...“.
Во соопштението како најеклатантен пример се наведуваат случувања во Париз, кои „поседуваат елементи на поттикнување верска и расна омраза“, за кои информациите стигнале од македонската дијаспора во Франција. На Синдикатот му била доставена фејсбук-порака што била им била испратена на иселениците од државен службеник кој на својот фејсбук-профил се декларирал како вработен во Министерството за култура:
„Излезноста на овие избори е многу значајна од причина што од тоа зависи дали пратеник од дијаспората ќе имаме Македонец или Албанец... Заради тоа и се организиравме да можеме да му помогнеме и олесниме на секој Македонец кој сака да се пријави..., да може полесно да го направи тоа или ние да го направиме - да го пријавиме за гласање во негово име во амбасадата на Република Македонија во Париз".
Синдикатот тврди дека државниот службеник вработен во Министерството за култура, Дарко Стефановски, допатувал во Париз на 9-ти ноември и бил во просториите на Амбасадата, заедно со партискиот тим на „помагачи”, на 10-ти и 11-ти ноември 2016 година, односно до крајниот рок за пријавување на гласачите од дијаспората. Стефановски, како партиски емисар, престојувал во Франција и за време на пријавувањето за гласање за изборите во 2014, за што постојат фотографии, но за разлика од 2014 -та, на последната посета, „одделни вработени во Амбасадата му овозможиле сесрдна логистичка поддршка, меѓу другото и користење на службените фиксни телефони на Амбасадата, а со цел прибавување што поголем број пријави до крајниот рок. Ваквото овозможување и користење на Амбасадата, претставува драстичен пример за злоупотреба на нашата дипломатија во партиски цели“.
Според Синдикатот во сличен контекст е и „црковната” објава на ФБ страницата “Македонци во Франција”:
„Ве покануваме во Црквата ‘Св. Кирил и Методиј’ во Париз, да дојдете на литургија..., на која ќе присуствуваат претставници од македонската амбасада и тим кој ќе може да го направи пријавувањето за престојните парламентарни избори во РМ за вас... Апелираме за што по големо пријавување на наши граѓани да можат да го остварат правото на глас… Да не дозволиме дијаспората да добие пратеник што не го посакува!“
На ФБ-страницата „Македонци во Франција“ била објавена и веста дека партиите и од македонскиот и од албанскиот блок веќе на големо ги активирале задграничните комитети за да привлечат што поголем број иселеници да излезат на гласање.
„Но, како што дознаваме, досега најактивни се ДУИ. Нивните комитети во Европа, особено во Швајцарија, Германија и во Австрија, агитираат Албанците масовно да се пријават и да излезат на гласање на 11 декември. Процените се дека на овие избори лесно може да се случи дијаспората да остане без ниту еден, или, пак, само со еден претставник во македонското Собрание. Доколку биде избран само еден пратеник, голема е веројатноста тоа да биде кандидатот на ДУИ од Европа“, се „предупредува“ на страницата.
Синдикатот потенцира дека „упорно се залага за професионална и неутрална дипломатија, која може во најголема мера да ги попречи евентуалните злоупотреби на гласовите на дијаспората“ и посочува дека упатениот „повик“ од еден државен службеник вработен во Министерството за култура, во кој главен ‘аргумент’ за пријавување на граѓаните од дијаспората е дека од излезноста зависи дали пратеник од дијаспората ќе имаме Македонец или Албанец, „во најмала мера е скандалозен и содржи јасни елементи на поттикнување верска и расна омраза и дискриминација“
Синдикатот посочува и дека на одржаната литургија во Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Париз, присуствувале еден претставник на македонската амбасада во Париз (дипломат со високо дипломатско звање) и економскиот промотор, „заедно со партиски тим кој може да го направи пријавувањето за престојните парламентарни избори во РМ за вас”, и тврди дека нивното присуство „на верски обред во верски објект кој бил искористен за пријавување на изборите, е скандалозен чин и очигледен пример на партиско-црковно неодвојување од државата“.