СЕММ: Доследно почитување на Повелбата за етичко известување за изборите

Советот за етика во медиумите на Македонија бара професионална одговорност во новинарството и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации

Очекуваме од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку да бидат посредник и платформа за активен дијалог, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување. Во овој контекст, повикуваме на доследно почитување на Повелбата за етичко известување за изборите, која ја потпишаа најголем дел од медиумите во државата уште во февруари годинава, но во пракса таа не беше доследно почитувана. Истото се нотираше и во овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, во кој, меѓу другото, силно се истакнува потребата од развивање култура на професионална етика во медиумите, се вели во апелот на Советот за етика во медиумите (СЕММ), кој повика на целосна, професионална одговорност во новинарството, на промовирање партиципаторен политички процес и на континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.

14344814_1054387294679739_3740976717413632498_n

СЕММ бара доследно  почитување на принципите на Повелбата за етичко известување за изборите: вистинитост и објективност, избалансираност, јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, чесност и независност, професионална солидарност меѓу медиумите, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, слобода и одговорност.

„Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните на Република Македонија... Повеќе од кога и да е, постои потреба од урамнотежено и  коректно известување со цел на јавноста да и’ се овозможи да го разбере и да учествува во политичкиот процес“, се вели во апелот на СЕММ

И додека СЕММ апелира медиумите да не дозволат да бидат предмет на манипулација, викендов, порталите Плусинфо, Либертас, Нова ТВ, Фокус, сдк.мк, мкд.мк, неколку часови не функционираа, а не беше возможен ни пристап до електронските изданија на неколку дневни весници. Иако компанијата УНЕТ која ги хостира сајтовите официјално соопшти дека не се работи за хакерски напад, туку за технички проблем, остана дилема во јавноста. Наспроти официјалниот почеток на кампањата, сомнежи изразија и дел од вознемирените новинари и уредници на порталите, дека зад „техничкиот проблем“, се крие намерен хакерски напад.