На нашите малечки не им се одземени неколку дрва и една клупа. Лишени се од детската игра во паркот, од глетката на гнездо како од сликовниците
Анушка Цветковска
Со еден здив и полни гради, вчера решив да ја дадам мојата поддршка на неколку храбри сограѓани, центар маалци, последните чувари, на последните неколку дрвја над калдрмата спроти „Бристол“. Денес, во гнев и нула толеранција кон „сечачите“ ги пишувам овие неколку реда.
Знаеме дека одлуката да се отстрани зеленилото од центарот на Скопје се донесе брзо, тивко. Знаеме често да се обвиниме и себеси за тоа како уште побрзо се спроведе, наоѓајќи вина во нашите отсутност и страв. Дрворедот на Илинденска, зелената околина на плоштад Македонија, се само спомен.
Од денес, липата и нејзината сенка во пакрчето спроти Бристол, која мене ме потсетува на еден јули, а на илјадници староседелци од некоку генерации им била добро утро, веќе ја нема. Дрвјата кои го чинеа единственото зеленило, чувството на спокој и дозата кислород во овој и онака отруен и задушен град, веќе не се ничија иднина.
На нашите малечки не им се одземени неколку дрва и една клупа. Лишени се од детската игра во паркот, од глетката на гнездо како од сликовниците. Иднината на нашите деца е меѓу бетонските кули, низ сивите лавиринти, во како од видео игри бескрајно талкање на жежок асфалт.
На улица Македонија, сонцето вчера зајде околу 6 часот. Утрово пред тоа да не разбуди, светнаа фаровите на најупорниот булдожер. Тешко, но се предадоа и гранките од последниот јавор. Уште тој пречеше во идејата за жолтеникава модерна зграда со луксузни балкони кои ќе гледаат никаде. Ќе биде тоа зграда на државна администрација, разбрав. Оттука ќе се негува законот, ќе се носи правда , или пак рамномерно и правично ќе се распределува буџетот.
Можеби вака сега некој од нас луѓето е поблиску до небото, повисоки и помоќни веќе нема.
И доцна ќе сфатат дека тајната на човековата интелегенција и на духовноста е во природата. На која и пркосат. Но, парите нема да ги дишеме и јадеме.