Починати лица во тетовско, „примале“ социјална помош!

Во 134 предмети, за утврдени 134 починати лица од Тетово и тетовско, и по нивната смрт течела неоснована исплата на средства од буџетот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Поради вакво постапување на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Тетово, извршена е неоснована исплата на 1.818.996 денари, или речиси 30 илјади евра! А, тројца од 134-те починати лица, за кои продолжила исплатата на средства за „право на туѓа нега“ и по нивната смрт, сé уште фигурираат во Избирачкиот список, за што според најавите, ќе бидат известени МВР и ДИК!

„Како министер кој продолжува да се грижи за законитоста во работењето на јавните установи за социјална заштита и на Министерството, ги преземам сите неопходни мерки за уврдување на одговорност, преку соодветни пријави до надлежните инстиуции и преку воспоставен систем на контрола, особено во овој период. Со јавноста ќе ги споделиме сите незаконитости кои ги утврдивме преку законски спроведени постапки и обврски за надзор. Јавноста мора да дознае, како се злоупотребувале личните податоци на граѓаните, како се уништувала документацијата, поради прикривање на финансиски злоупотреби, како фиктивно и реално се делеле решенија како изборно ветување, со други зборови кажано - колкава била негрижата за чесното работење на одговорните“, изјави денеска, министерката Фросина Ташковска Ременски.

Вонредниот инспекциски надзор во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Тетово се спроведувал шест дена, во присуство на директорот на Центарот, на раководителот на Одделението за парични давања, и на двајца други стручни работници.

Комисијата прегледала 234 предмети. Од нив, 194 - биле предмети на корисници на паричен надоместок, за помош и нега од друго лице.

Во моментов, според министерката Ременски, Министерството води повеќе внатрешни постапки за утврдување ваков тип злоупотреби, независно од постапките што ги води СЈО, со кое продолжува соработката во интерес на вистината и заштита на интересите на граѓаните.

М. Талеска

Print Friendly, PDF & Email