Анализа: Во тек е можеби највалканата медиумска кампања досега!

Прелиминарни наоди на ЦИВИЛ - Центар за слобода за медиумското известување во изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2016.

Првата недела на предизборната кампања во медиумите е тажен и брутален одраз на реалноста во која се наоѓа македонското општество, вклучувајќи го и начинот на којшто тоа се обидува да ја разреши политичката и општествена криза низ овој изборен процес во Република Македонија, кој многумина и меѓу самите политички актери го сметаат за можеби најважен во нејзината историја.

Во борбата за минимум услови за одржување на кредибилни избори, наместо за вистински изборен натпревар во кој медиумите служат како платформа за соочување и анализирање на политичката понуда, медиумите, во поларизираното и поделеното општество по политички, етнички, верски и многу други основи, се далеку од тоа да бидат на нивото на задачата која се поставува пред нив, како чувари на демократијата и јавниот интерес.

Прво и најважно, и на овие избори се забележува дека наместо информација за изборната понуда, анализа на понуденото и соочување на аргументите, добиваме медиумска кампања доминирана од обиди за оцрнување на политичкиот противник, дефокусирање од вистинските теми и дебатирање за лажни теми. Наместо дебата, има далеку повеќе простор за еднонасочна пропаганда, платена или неплатена, сеедно. Тоа е терен на кој одамна доминира власта, која со години, токму преку таквиот начин на „разбирање“ на медиумите, ја доведе Македонија до состојба да биде квалификувана како неслободна земја од угледни меѓународни организации.

Работата на Привремената комисија за следење на работата на медиумите за време на изборниот процес на АВМУ успева само сосем малку да ги ублажи ефектите на повеќегодишното поклопување на медиумскиот простор од центрите на моќ, главно од оние блиски до владејачките партии.

Забележливо е дека во програмите на радиодифузерите, за разлика од порано, има повеќе простор за опозицијата, но, од друга страна, забележливо е и дека медиумите сега се користат со други средства за манипулирање на јавното мислење, и тоа пред сé, преку генерирање на неколку теми кои се третираат со денови од повеќе редакции и со кои одредена политичка опција се прикажува на негативен начин, преку пренесување на нерелевантни и несуштински делови на ставовите на политичките актери, нивно искривување и ставање во погрешен контекст, како и преку истакнување или минимизирање на одредени настани во уредувачката агенда, односно редоследот на вестите.

Забележливо е и дека Комисијата не одлучува со консензус, и дека одредени нејзини членови се произнесуваат во јавноста на начин кој е непримерен за јавни службеници со ваква специфична одговорност.

Во првата недела на кампањата ад-хок комисијата изрече предлог за опомена за ТВ Алфа поради прекршување на член 75 в од Изборниот законик, односно, поради тоа што глас на вработен во оваа телевизија се слуша и на рекламни спотови на политичка партија, за ТВ 24 Вести поради прекршување на чл.75 ѓ од Изборниот законик односно спојување на рекламни блокови со само една политичка партија во нив и поради емитување на изборни реклами на партиите во посебни информативни емисии, како и за ТВ Нова, поради платено политичко рекламирање во информативна програма „Аргументи“ (чл. 76 став 4), како и за надминување на рекламното време на реален час (член 75 ѓ).

watching the box - Copy

Подобрување може да се забележи и во информативната програма на првиот програмски сервис на Македонската телевизија, но таму е исто така, забележливо дека редакцијата не располага со доволно ресурси за квалитетно реализирање на изборното претставување на кандидатите.

Во првата недела на изборната кампања се случија и неколку други настани и се забележаа неколку појави кои се приказ за отежнувачките околности, во кои се реализира правото слободата на информирање и правото на информиран избор.

На почетокот и на крајот на неделата се случија два напада врз повеќе веб-портали, при што настана неколкучасовен прекин во нивната достапност на интернет. Во јавноста ова исклучување се третираше како мошне сомнително. Провајдерот УНЕТ се произнесе во јавноста тврдејќи дека станува збор за технички проблем. На крајот на неделата, гаснењето на неколку сајтови кои се хостирани кај овој провајдер се повтори, па јавноста со право прашува дали се работи за повеќе од случајност, за обид за загрозување на слободата на изразување и на слободата на медиумите?

Во медиумската понуда за изборите во првата недела од кампањата доминира црната кампања и „лажни“ теми и вести: федерализацијата, дискурсот за патриоти и предавници, говорот на омраза на митинзите (кафези, затвори за политичкиот опонент...),  случајот со снимките на Халкидики, како дел од случајот „Шпион“ што внесе и дискурс на стигматизација на ЛГБТИ популацијата, дел од провладините медиуми се бавеа и со лажната вест дека починал Сорос, контекстуализирајќи го настанот негативно за опозицијата и за граѓанскиот сектор, неколку медиуми го употребија стариот пропагандистички рецепт за „слаба посетеност на митинзи“, или пак „преоѓање на ограноци и членови“, повторувајќи прилози на тие теми речиси секој ден... Како никогаш досега, спинувањето и пропагандата се примарна работа на кампањите, а не - информирањето.

Во оваа кампања низ медиумските објави се забележува и злоупотреба на верски прашања, како, на пример, пропагандата со медиумските објави дека ако СДСМ дојде на власт во програмата  предвидува задолжително обрежување или „сунет“, а кај албанските партии, со кампањата на „Беса“ и слоганот „ако веруваш во Бога“, но и настапите на Али Ахмети во кои се адресираат верските прашања на различни начини, што се користи за градење на верскиот „медиумски профил“ на лидерот на владејачката ДУИ.

prielp4

Забележлив е и потпалувачки говор и говор на омраза, кој делумно доаѓа од реториката и комуникацискиот пристап на дел од учесниците во кампањата, но делумно е произведен и од самите медиуми, како потпора за темите кои треба да „доминираат“ во кампањата според проценките на партиските ПР-стратези (ваквите напади кон политичките противници се забележливи претежно кај онлајн медиумите). Се забележува, исто така, криење или минимизирање на настани (како што беше случајот со смртта на човек на пат кон митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, или на пример односот на провладините медиуми кон пресот на СЈО пред самиот почеток на кампањата).

Онлајн дискурсот стана доминантно бојно поле на пропагандата, а клеветењето и навредувањето, континуираното стигматизирање и демонизирање на одредени субјекти од политичкиот но и граѓанскиот сектор, како и едностраното и пристрасно „новинарство“ на дигиталните платформи е секојдневие. Ваков пристап е особено забележлив на порталите „Курир“, „Република“, „Нетпрес“, „Пресс24“, „Пулс 24“, „Вистина“, „Вести“... Наспроти тоа, ги имаме и „Мактел“, „Инфомакс“, „Народен глас“, „Центар њуз“, каде пак, освен овие работи, има и недоличен и офанзивен навредувачки речник.

Во овој период се забележува и појавување на сајтови со лажни вести – по урнекот на велешките сајтови во американската кампања, отворени во Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна, Бугарија, Албанија, кои објавуваат ексклузивни вести на штета на некоја политичка опција. Такви објави во текот на неделава имаше на сметка опозицијата, пред сé, во однос на релациите на СДСМ и нејзиниот лидер Заев со Албанците.

Кога зборуваме за недостатокот на вистинска дебата помеѓу политичките актери, треба да истакнеме дека тоа е пред сè поради одбивањето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да седне на заедничка маса со својот политички противник на медиумско соочување веќе подолго време. Наместо тоа,  како супститут за ВМРО-ДПМНЕ, на телевизиските дебати се појавуваат аналитичарите Пандов, Даштевски, Никовски, Каракамишева, Станковски итн. Ретки се примерите на директно соочување, претежно помеѓу претставници на партиите кои не се во врвот (такви дебати почнаа да се реализираат на јавниот сервис). Кај албанските медиуми е делумно поповолна ситуацијата, дебати помеѓу власта и опозицијата има, но забележливо е одбивањето на владејачката ДУИ да гостува во ТВ Шења, а уредништвото на оваа телевизија се жали и на некоректен однос и притисоци од владејачката ДУИ.

dscn7720

На ова се надоврзуваат и проблемите со пристапност до извори и соговорници од „другата страна“. За критичките медиуми е речиси невозможен пристап до изворите блиски до владејачките партии, иако има и случаи на поплаки од провладини медиуми, кои велат дека се соочуваат со тешкотии да обезбедат соговорници од „другата страна“. Во ваква констелација, речиси е невозможно за медиумите да понудат информации кои ќе бидат непристрасни и објективни, содржини кои ќе прикажат сеопфатно некој настан или одредена состојба во општеството.

Што се однесува до платеното политичко рекламирање, кое се интензивираше со официјалниот почеток на кампањата, ниту во овој поглед работите не течеа непречено во овој период. Опозицијата се пожали дека на одредени телевизии не може да закупи термини кои се слободни и не се закупени од други опозициски партии. Телевизијата Телма се жалеше во јавноста на неажурност на партиите и надмен однос од повеќе аспекти за време на преговарањата околу рекламирањето на партиите на оваа телевизија.

Кај медиумите на македонски јазик доминира кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, следува таа на опозицијата предводена од СДСМ, додека другите партии и коалиции се далеку помалку застапени. Кај медиумите на албански јазик, далеку е подоминантна кампањата на ДУИ, видлива е и кампањата на Движењето БЕСА, се забележува дека Социјалдемократскиот сојуз има кампања и на албанските медиуми, додека пак, другите партии и коалиции речиси и да не се забележуваат во платената политичка програма.

 


Предмет на разгледување на оваа прелиминарна анализа се аспектите кои се однесуваат на медиумите и човековите права (пред сé правото на изразување), избирачките права и медиумската легислатива која се однесува на изборите. Извори на кои што ја базираме нашата анализа се наоди на истражувачкиот тим на ЦИВИЛ, медиумските содржини, но и извештаите на АВМУ и ад-хок телото кое го оценува медиумското известување во овој период, на Државната изборна комисија, како и извештаите на другите НВО, граѓански и експертски организации кои го следат медиумското известување во овој период.