Откако Кривичниот суд го одложи рочиштето за седумтемина вработени во УБК, кои од Специјалното јавно обвинителство се обвинети за случајот „Тврдина“, за 17 јануари 2017 година, со образложение на судијката Лидија Петрова дека - СЈО немало дозвола од УБК да ги употребува класифицираните докази во судска постапка, се поставува прашањето: дали и со декласифицирањето, како и со бројните досегашни опструкции на работата на СЈО, само се купува време, за да се дочека изборната разврска?
Обвинетите во случајот „Тврдина“ се товарат за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата за двата система од аферата за нелегалното прислушување, кои според СЈО, биле уништени во нестандардна постапка. СЈО ги товари обвинетите и дека незаконски уништиле документација, преку која истрагата можела да дојде до податоци на кој начин УБК вршела прислушкување.
Обвинителката Ленче Ристоска од СЈО вчера истакна дека со одлуката на Судот се доведуваат во прашање и останатите постапки во кои класифицираните докази не биле декласифицирани.
Иако сите разумни луѓе во земјава најверојатно се согласуваат со почитување на законот и на процедурата, инсистирањето на Судот - СЈО да има формален акт од УБК, со кој ќе му се дозволи непречено користење на класифицираните докази во судската постапка, во судење на вработени и на функционери на УБК, по мегааферата со прислушувањето на десетици илјади граѓани на Македонија(?!), е најблаго речено - проѕирно. Особено, откако јавните обвинители Ристоска и Трајче Пеливанов го „потсетиле“ Судот дека СЈО уште пред шест месеци поднело формално барање до УБК, кое поради опструкциите, воопшто не му е доставено!
Иако Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше децидна јавно порачувајќи дека „никој нема да ме обесхрабри, ниту може да влијае врз исполнувањето на оваа задача што вие граѓаните ми ја дадовте“, по девет истраги и две покренати обвиненија со 21 обвинет, кај дел од јавноста, особено оној критички настроениот кон власта, сé уште постои стравување дали актуелната власт ќе дозволи случаите од „бомбите“ во кои се инволвирани актуелни и поранешни, високи функционери во власта, воопшто да доживеат судска разврска!
Ако победата на правдата и повторното воспоставување на правната држава во Македонија, зависат само од исходот на изборите, тогаш, белки е јасно дека без оглед на квалитетот на политичката понуда во кампањата или на идеолошката определба на избирачите, на 11-ти декември, едноставно, не треба да има неопределени, а уште помалку - апстиненти, демотивирани и деморализирани граѓани, чиј избор би бил да не излезат на гласање! Оти, маф ни е работата, одамна ни е догорено до нокти!
На Македонија ѝ е неопходно драстично „проветрување“ на судството, ослободување од диригирани („сваровски“ и слични послушници) делители на правдата, како и ангажирање на вистински професионалци, независни и едуцирани правници, со чест и достоинство. Зашто, инаку, по секои избори, за жал, победниците на изборите, редовно, лесно ќе наоѓаат нови (или, ќе ангажираат на време „прешалтувани“) „судии за бесење“ на политичките опоненти и на сите инакумислечки, како дел од одмаздата за периодот додека биле во опозиција.
Оваа вест е достапна и на: Albanian