На деветтиот ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори, партиите учеснички продолжуваат со претставувањето на својата политичка понуда, на митинзи, панел-дискусии, трибини и средби со граѓаните низ цела Македонија.
СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“ ќе одржат митинзи во Македонска Каменица и во Делчево. А ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, ќе митингуваат во Гостивар и во Тетово.
И коалицијата „ВМРО за Македонија“ ќе оствари средби со граѓани во Драчево, Тетово и во Гостивар, а ќе одржи и трибина во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Кичево.
Претставници на „Kоалицијата за промени и правда“ ќе се сретнат и ќе разговараат со граѓаните на Скопје, во Пржино, Црниче и Кисела Вода.
Коалицијата „Алијанса на Албанците ќе одржи митинзи во Теарце и во Бутел, а Демократската партија на Албанците (ДПА) ќе има митинг во Боговиње.
Демократската унија за интеграција во Старата скопска чаршија ќе организира панел-дискусија за консензуално одлучување за економски прашања, а Движењето БЕСА вечерва ќе одржи средба со граѓаните во Сарај.