МПМ со месеци не им исплаќа хонорари на дописниците!

Десетина дописници на медиумската компанија „Медиа Принт Македонија“ од јули годинава не добиле хонорар. Компанијата им должи од 20.000 до 100.000 денари, на секој дописник одделно. Новинарите за Грин ЦИВИЛ се пожалија дека веќе немаат средства за да продолжат со работата. За нив е несфатливо, како може МПМ да нема пари само за нивните хонорари, а редовно да се исплаќаат плати за вработените и хонорари на новинарите ангажирани во скопските редакции, што било случај минатата недела.

mpm-3

„Медиа Принт Македонија“

„Ние сме новинари од трите весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. Работиме за сите медиуми, посветено со години. Најголем дел од нас се ангажирани дописници од основањето на овие весници. Проблемот со исплатата на нашите хонорари, станува хроничен. Секој ден сме на терен, ангажирани за сѐ, работиме на сите теми, ги извршуваме нашите работни задачи беспрекорно, сами ги сносиме трошоците на превоз, за телефон... Зарем, не заслужуваме да ни се плати професионалниот труд?“, прашуваат новинарите.

Некои од нив се добитници и на награди за дописнички текстови. Нивни текстови се преземани и во медиумите во странство, зашто станува збор за квалитетни новинари, виртуози на својот занает, за кои компанијата МПМ не може да најде средства за исплата на хонорарите.

„На средбата со претставници од менаџментот неодамна, ни рекоа дека можеме да продолжиме со работа, доколку ни одговараат овие услови. И овој пат ни потенцираа дека компанијата се соочува со финансиски проблеми, и затоа не ни се исплаќаат хонорари. Ни најавија наскоро решение, но кога? Ќе дојде нова година, а ние сме без пари“, реагираат дописниците на изданијата МПМ.

Ако не им се исплатат итно заостанатите хонорари, новинарите најавуваат порадикални мерки.

Одговор на прашањето се обидовме да добиеме од надлежните во МПМ. Нѐ упатија во Одделот за човечки ресурси, но таму никој не одговори на телефонските повици.

Трите дневни весници на МПМ се медиуми, коишто според уредувачката политика се блиски до власта, особено по чистката спроведена последнава година, кога откази добија бројни новинари со критичко перо. Членови на менаџметот на МПМ се меѓу истакнати јавни личности во државата, а еден од сопствениците, според „Форбс“, е на листата на најбогати граѓани во Македонија.

Моника Талеска