Груевски им се закани на наводните „полначи на кутии“!?

На вчерашниот митинг во Кочани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, обелодени дека опозицијата, наводно здружена со „подземени структури, особено кај албанските радикали“, заговарала идеја за полнење на гласачките кутии на денот на изборите!? Иво Котевски од Центарот за комуникации на владеачката партија, ни изјави дека не ги пријавиле на надлежните, сознанијата на лидерот, но дека очекуваат МВР да реагира по „допрен глас“, а шефот на Изборниот штаб на СДСМ Дамјан Манчевски, во изјавата за ЦИВИЛ Медиа беше дециден дека „на 11-ти декември ќе завршат сите приказни од главата на Никола Груевски“...

Експремиерот Груевски од говорницата на митингот на коалицијата „За подобра Македонија во Кочани, порача дека „народот нема да дозволи продолжување на политичката криза во Македонија, и дека  со масовното излегување и масовното, историско давање поддршка на ВМРО-ДПМНЕ“, ќе предизвика „збришување од политичката сцена на Зоран Заев“.

„Ги гледам и нивните платеници, последните денови почнуваат да ја шират оваа теза дека ќе имало широка коалиција, дека СДСМ ќе влегла во Владата. А, не се свесни каква огромна разлика во гласови ги очекува на  следните избори... И уште една работа да им порачам, што е работата на изборите, ако сите партии влезат во Владата. Тогаш, зошто одиме на избори, за сите да влезат во Владата? Ако сите влезат во Владата, кој наредниот пат ќе излезе на избори да гласа, кога однапред знае дека сите влегуваат во Владата. Која е таа демократија - сите, и тие што добиле доверба од граѓаните во мнозинство и тие што загубиле, да станат дел од Владата? Драги пријатели, беспредметно е сето тоа да се објаснува. И јасно е, дека ова е последниот обид, последниот трик на СДСМ да го дигне нивното членство коешто е во почетна фаза на депресија...“, им порача Груевски на сопартијците.

grujo-500x333

Веднаш потоа, тој на присутните им ги изнесе своите сознанија дека во опозицијата, „во последните денови размислувале и заговарале и други идеи. Здружувајќи се со некои подземни структури особено кај албанските радикали, кај порадикалните структури на Албанците во Македонија, разговарале за некакво полнење кутии, заедничко, договорено, не знам какво... Сакам да им порачам да не си играат играчки! Затоа што потоа, ни цела албанска дијаспора, од цела Швајцарија, од цел свет, нема да ги спаси од овој народ и од сите граѓани на Македонија! И од Македонците, и од Албанците, и од Турците, и од Ромите, и од Бошњаците, и од Власите, и од Србите, и од сите останати!“, порача Груевски.

ЦИВИЛ Медиа побара изјава од Иво Котевски, шеф на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, со прашања за изворите на информациите на лидерот Груевски и за тоа дали сознанијата за наводно подготвуваниот изборен криминал се пријавени во МВР.

„Ние, како партија, не пријавивме никаде за нашите сознанија, но МВР, на чело на министерот Оливер Спасовски, треба самото да покрене истрага по 'допрен јавен глас'. Еве, и за вас е добра појдовна точка, да ги истражите лицата со дебело криминално досие кои се фотографираа со Зоран Заев и со Спасовски. Во јавноста излегоа фотографии на Заев со уапсениот за криминал, Захир Бекири“, ни изјави Котевски.

ЦИВИЛ Медиа побара коментар за обвинувањата на Груевски и од Дамјан Манчевски, шеф на Изборниот штаб на СДСМ.

„Човекот заради кого има предвремени избори поради кражба на гласови, човекот кој е обвинет за изборни нерегуларности, човекот за кого е докажано дека прислушкувал, човекот кој ја уништи демократијата во Македонија, обвинува за нерегуларности?! На 11-ти декември ќе завршат сите приказни од главата на Никола Груевски“, ни изјави Манчевски.

Дехран Муратов