Мојот суперхерој е мајка!

Во пресрет на кампањата „16 дена активизам за спречување на насилство врз жените“, Центарот за младински активизам - КРИК и People to people International - PTPI Skopje, денеска во 18 часот во ГЕМ Клубот во Старата скопска чаршија, организираат трибина „Мојот суперхерој е мајка“, на тема - структурното насилство со коешто се соочуваат жените - мајки на децата со попреченост.

„На трибината ‘Мојот суперхерој е мајка’ ќе се обидеме да ја согледаме опресијата од општеството, преку лични примери. Во фокусот на настанот ќе биде улогата на жената, на мајката, но и на мајката на дете со попреченост, како еден засебен идентитет којшто самиот по себе бара многу пожртвуваност земајќи го предвид инфериорното општествено уредување“, соопштија организаторите.

„Ние сметаме дека личното е политичко. Можеме да зборуваме генерално за родот, попреченоста и опресијата до недоглед, но за многумина, овие теми ќе останат само да лебдат во воздух, доколку не се ‘закачени’ за приказна или луѓе“, се вели во информацијата за настанот.

maka-suprchro

Учеснички на трибината ќе бидат четири искучително храбри мајки, Снежана Матовска, Слаѓана Ананиевска, Доминика Кардула и Наѓенка Тутуров Апостоловска, чии животни приказни ќе бидат зачеток на поширокиот разговор..

„Улогата да се биде мајка на дете со попреченост значи секојдневно соочување со избрзаните претпоставки на општеството, без разлика дали тие се сакани, барани или не. Социјалните конструкти за тоа како овие жени би требало да се вкалапат во матриците за мајки на деца со попречености, се манифестираат на многу различни начини: во очекувањата дека тие се единствените што треба да го обезбедат развојниот и биолошкиот процес на своите деца, во претпоставката дека тие треба да се откажат од својата кариера и да го посветат целиот живот во активизмот за оваа заедница, во интервјуа за работа каде се прашувани дали попреченоста на нивните деца ќе ги спречи во доаѓањето на работа, или во докторските ординации каде што во извештаите за развојни пречки се наведува работата на мајката како можност и основа за развојна пречка“, сметаат организаторите.