Среде политички пеколно-жешкиот декември, ЦИВИЛ - Центар за слобода ги наградува граѓанските новинарки и новинари кои со својата камера документираа неколку настани од турбулентната македонска стварност. ЦИВИЛ им овозможува на граѓанските новинарки и новинари безбеден простор да се искажат и да споделат информации, факти и стории од изборното секојдневие.
Тие што имаат снимка, фотографија или сторија за изборните нерегуларности, за кршењето на гласачкото право, за злоупотребите, притисоците и заканите, за поткупот на гласачите..., сите тие можат да бидат дел од големото семејство граѓански новинарки и новинари кои соработуваат со ЦИВИЛ. Прилозите можат да се објават анонимно, бидејќи условите кои ги нуди ЦИВИЛ го дозволуваат тоа – важно е да се дознаат фактите, да се разобличат постапките на оние што го кршат законот, наместо да го спроведуваат.
По повод проектот, на само три дена од предвремените парламентарни избори во Македонија, разговараме со Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој вели дека неговата позиција во организацијата е сосема неважна и дека е доволно да кажеме дека е од ЦИВИЛ.
„Граѓанските новинарки и новинари ширум светот имаат огромна моќ. Благодарение на достапната технологијата и интернетот, тие имаат можност да ги разоткријат лошите постапки на моќниците и нивните пешадинци, да придонесат кон јакнење на слободата на изразувањето. Ако некогаш моравме, често безуспешно, да чекаме корумпираните уредништва да објават некоја алармантна сторија за кршењето на човековите права, сега тоа можеме да го направиме самите, со помош на нашиот смарт телефон и социјалните мрежи. Во денешно време, граѓанските новинарки и новинари снимаат кратки видео-стории чија видливост лесно ги надминува тиражите и на најголемите весници или гледаноста и на најпопуларните емисии“, вели Џабир Дерала од ЦИВИЛ, објаснувајќи ја важноста на граѓанското новинарство денес.
Според Дерала, соработката со граѓанките и граѓаните е од исклучителна важност. „Како и секогаш, ЦИВИЛ се потпира на таа соработка за да дојде до информации и стории за тоа што навистина се случува во нивните животи. Иако ЦИВИЛ има само 300 набљудувачи, јавувањата од целата земја и прилозите на граѓанските новинарки и новинари ја прават оваа мисија многу поголема. Тоа е заедничка мисија на голем број свесни и совесни граѓанки и граѓани на оваа земја, без оглед на нивната етничка или верска припадност, политичка афилијација или социјален статус“, вели Дерала.
ЦИВИЛ го формираат независни интелектуалци, уметници и новинар(к)и на 25 ноември 1999 година, како организација за која странските медиуми велат дека размислува и делува „надвор од кутијата“ (оригинално), а во земјата е популарна и ужива голема поддршка.
„Сакам да истакнам дека сум горд што ЦИВИЛ денес ја отсликува Македонија по сите основи на различностите. Уште повеќе се гордеам што уживаме огромна доверба и поддршка од граѓанките и граѓаните ширум земјата и даваме сѐ од себе таа доверба да ја оправдаме. Како и порано, така и во овие напнати денови, кога точноста на информациите е многу потребна, информациите и сториите се на дофат на раката, токму поради довербата од граѓанките и граѓаните, но и поради отвореноста и искреноста на нашиот заеднички ЦИВИЛ“, вели Дерала, осврнувајќи се на шареноликоста на организацијата, но и на потребата од точност на информациите кои се пласираат во јавноста.
Биљана Јордановска